Привлекувањето на странски инвестиции не треба да биде размислување на една или друга Влада, туку да биде стратегија на државата која е долгорочна и не смее после било каков изборен циклус да се запре со една идеја и да се почнува со нешто друго, исткна Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата за странски компании со технолошко напредно производство, на денешниот настан „Конзулски мозаик“ кој се одржа во Охрид.
Економскиот развој на една држава не треба да биде политичка активност. Тоа што е за нас важно е паралелно да продолжиме со целиот процес не само на привлекување на инвестиции, туку и за промоција на државата како туристичка дестинација, бидејќи тие две работи одат заедно посебно за мала држава како нас. Дополнително, треба да се има една дирекна стратегија кои точно сектори се оние каде ние мислиме или знаеме дека имаат дополнителна вредност и можности за привлекување инвестиции. И да не биде се производство, да биде и сервисна индустрија од секаков вид, како услуги, туризам и се што допринесува за раст на државата и активно тука да ги вклучиме и нашите дипломатски претставништва во странство бидејќи заедно со инвестициите, тука е и промоција на извоз и трговија.
Посочи дека треба да се размислува на потпишување договори за слободна трговија со Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, но и земји од Северна Африка, природно потенцијални земји каде може да се пласираат наши производи, но, вели, за жал долго време тоа не го правиме.
Сите почесни конзули кои се тука присутни може да отворат многу врати за нашите компании да соработуваат со компаниите од тие земји или да најдат начин за заеднички пристап на нивните пазари или на некои трети пазари. Како мала држава многу е поважно ние да се концентрираме на економските активности, политиката да ја оставиме на страна. Високата геополитика други земји ја водат ние треба да се приклучиме кон нив, посочи Мизо.
Во поглед на тоа кои земји или региони во моментов треба да бидат приоритени за економски развој ја посочи Европа каде и досега, вели, имаме најголем дел на инвестиции.
Но, не само земјите од Европската Унија, нормално нашиот Балкански регион, Турција како и земјите во Северна Африка, Северна Америка и некои од земјите од Азија. Блискиот Исток за специфичен вид на инвестиции, повеќе поврзани со инфраструктура, туризам и слично или пак некои земји од Далечна Азија, бидејќи во изминатиов период немаме успеано да привлечеме ниту јапонски ниту јужнокорејски инвестиции, а тие земји се многу технолошки напредни, додаде Мизо.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска