Комуникацијата со државните институции, дали е тоа поврзано со некакви регулативи или со исполнување на некои договорни обврски, треба да биде потранспарентна и побрза, но, истовремено, потребно е и адаптирање на регулативата за зголемување на конкурентноста на домашните и странски компании. Ова беше истакнато по денешната работна средба на директорот на „Костал Македонија“, Виктор Мизо, со германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн.

Развојот на државата може да се случи само доколку се има добра соработката со институциите и се зголеми обемот на соработка со домашните компании и домашните добавувачи, бидејќи сметаме дека на тој начин можеме да оствариме поголема додадена вредност во државата, но и да сме поконкурентни на пазарот. – изјави по средбата Виктор Мизо.

На средбата станало збор и за усогласување на царинските стапки, условите за добивање на државна помош и субвенционирање во различни делови од државата, но и на кои начин неработната недела ќе ги афектира овие компании, за глобалниот корпоративен данок и како тоа ќе ги афектира компаниите во државава.

„Костал“ како фирма е важна за земјата, бидејќи тука не станува збор само за трудово интензивна дејност, туку за производство на производи со поголема додадена вредност, и значаен број на вработени, рече амбасадорката Холштајн.

Токму тоа и треба на земјата, модерна технологија и високо развиена индустрија. Тоа е она што државата ќе ја придвижи напред. Тука има околу 200 германски фирми, а Германија истовремено е и најголем трговски партнер на земјата. Германските компании овде имаат отворено околу 20 илјади работни места, 1000 од нив се токму тука во „Костал“, а тоа компанијата успеа да го направи само во 5 години. Ова е многу добар пример на кој начин една германска инвестиција во Северна Македонија може да се постави и понатаму да се развива. – истакна амбасадорката Холштајн.

Развојот е можен само преку добра соработка на сите чинители, додаде Холштајн. Посочи дека е потребна транспарентност и одговорност од институциите за преземените обврски, истакнувајќи дека тоа се работи кои придонесуваат за успешни инвестиции.

Н.С.Ј.
фото: А. Момироска