Од 2020 година наваму три години по ред има драстично намалување на продажбата на возила во Европа. Во нашата индустрија проблемот започна и пред пандемијата, реално гледано 2017 година беше врвот на продажба на глобално, но и на европско ниво. Заздравувањето се случи само во последниот квартал во 2022 година и дел беше поради специјалните субвенции кои беа дадени во некои западноевропски држави за купување на електрични возила, рече Виктор Мизо генерален директор на „Костал“ во емисјата „За или против“ на Алфа телевизија, во која госуваше заедно со Боријан Борозанов, управител на „Џонсон Мети“ .
Реално гледано, да не беше тоа што се случи пред една година во Украина, потенцијално минатата година требаше да биде година на подобрување и заздравување. Иако во јануари бројките на продажба се попозитивни во однос на минатиот јануари сепак таа база е многу ниска и се уште постојат проблеми пред се со недостаток на чипови, поради што се намалува и производството. Проблемот со недостаток на чипови ќе биде актуелен барем до 2026 година, нема да бидеме вратени на нивото пред 2020 година, бидејќи сите тие фабрики кои се во моментов во процес на градба треба три години да бидат изградени. Фабриките за чипови се позиционираат во САД, кај нас нема услови. Помалото производство значи помалку приходи во нашата индустрија. Веќе имаме адаптација на нашите буџети и планови во првиот квартал годинава што и како се очекува и веќе има потенцијални надолни проекции, вели Мизо.
Во однос на новиот данок на солидарност, кој неодамна го воведе државата, Мизо вели дека ја разбира потребата за солидарност, но ваквиот данок треба да се насочи точно кај оние компании кои навистина креирале поголем профит од кризата, како што тоа го нашправија одредени земји во ЕУ.
Дополнително, производствените компании како нашите, кои и во изминатата и годината пред тоа сме вложиле средства и за дел од тие средства добиваме некаков вид бенефиции, сега истовремено сме пенализирани за истото ако сме оствариле профит. И тоа во нашиот случај не е дополнителен профит, туку и во криза и услови кога нашата индустрија опаѓа, ние сме инвестирале средства и сме успеале да ги задржиме работните места. Во случајот со „Костал“ ние немавме ни едно отпуштање. Данокот на солидарност треба да биде насочен кон оние компании кои пред се навистина профитираат од кризата, потенцира Мизо.
И Мизо и Борозанов, се согласуваат дека треба да има реинвестиции во државата и позитивно ги оценуваат новите инвестиции.
Позитивно е да доаѓаат што повеќе и што поразлични компании. Новата инвестиција на „Гересхајмер“ доаѓа од индустрија која е попрофитабилна од нашата, и добро е што таква компанија инвестира. Ние како „Костал“ изминатите шест години веќе имаме инвестирано над 100 милиони евра, што е голема сума за држава како Македонија. Дури и оваа годинава, она што значи нови активности кои ги планираме врз основа на нови клиенти, нови проекти кои сме ги добиле, би инвестирале повеќе од една третина од досегашната инвестиција. Активно продолжуваме со реинвестирање и зголемена контрибуција на македонската локација. Во нашиот случај Кина е најголемиот пазар и истиот го диктира инвестирањето, а таму сите инвестициите се за тамошниот локален пазар, не се за глобален извоз. Ние треба да се бориме на европскиот пазар кој може да стагнира во некој следен период, да успееме да се избориме против другите наши сестрински фирми и потенцијално дел од бараните производи, бидејќи клиентите се премиум производители на возила, пред се германските производители за нивните фабрики во Северна Америка, да успееме да произведеме и ние нешто овде, вели Мизо
Во поглед на стабилноста и предвидливоста на бизнисот во државава, Борозанов истакна дека макропоказателите се релативно добри, пред се стабилноста на девизниот курс, но потребни се подобрувања.
Има простор за подобрување од апсект на предвидливоста, без разлика на дизајнот на конкретните политики. Тоа што често изненадува е периодот за имплементација, некогаш преку ноќ, што како компании не става во една ситуација да мора да регираме со задоцнување. Иако го гледаме ова и на други места, очекуваме поголема конзистентнодт, бидејќи во одредени политики навистина има шетање. Добро е што постои дијалог со носителите на политиките, дали преку коморите или други здруженија. Прашање е реализацијата. Секој бизнис во било која земја ако има партнерски однос, ќе креира поволна клима за поврат на инвестицијата, што се движи од 10-15 години, период во кој се анализираат и инвестициските проекти. Доколку видиме стабилност на подолг рок, се разбира дека би инвестирале повторно и во други проекти, вели Борозанов.
Според Борозанов, недостига и сериозна стратегија за развој.
Некое време повторувам, на Македонија тоа што и е најголема мана е дека е мала по територија и население. Тоа треба да и е всушност најголема предност. Ако си мал треба да си најбрз, најадаптибилен, најпартнерски расположен кон инвеститорите. Прашање е дали тоа го правиме, додава Борозанов.
Што се однесува до привлекување на странски инвестиции во земјата, Мизо смета дека процесот е многу поразличен од минатото и оти недостига промоција.
Реално гледано северно од Виена и јужно од Истанбул многу малку бизнис светот знае за нас. Тоа што по мене недостасува е активно промовирање не само на можностите во државата, туку и да се искористат постоечките компании. Според анкетата што ја спроведовме помеѓу претставниците на инвеститорите во производствените дејности во 2021 година 75% односно 3 од 4 компании би реинвестирале. На крај на ноември минатата година анкетата покажа дека само 52% од компаниите би реинвестирале, што значи дека имаме намалување. Не навлеговме во причините, туку дали и колку тие компании се задоволни од политиките кон постоечките инвеститори во државата. Би можело да има една посеопфатна стратегија да се помогнат постоечките компании, а истовремено и таргетирање на индустриски сектори кои потенцијално би дошле во Македонија, вели Мизо.
Мизо во емисијата посочи дека Костал својата нова инвестиција ќе ја реализира во Полска и оти зад таа стратешка одлука на компанијата стојат сериозни анализи но и проактивноста на институциите задолжени за привлекување на странски инвестиции, додека државната помош е последен параметар кој бил земен предвид. Прашан дали можеби државата ја губи битката со инвеститорите, Мизо вели дека можеби фокусот на државата во моментов не е на привлекување странски инвестиции.
Имаме релативно чести состаноци со Владата и имаме отворен дијалог, но прашање е колку имаме реализација на барањата. Подобрување на инфраструктурата и навремено исполнување на договорените или законските обврски е нешто каде има пропусти. Мора да имаме усогласување на правилата по кои се дефинира оправдан инвестициски трошок. Имаме најнови сметководствени стандарди кои глобално се користат, а ние како држава користиме правила од 2009 година. Истовремено давателите на државна помош немаат ист аршин при оценувањето што значи оправдан инвестициски трошок. За нас таа сигурност е важна. Исто така, важно е и поедноставување на процедурата за инсталирање на фотоволтаици, но и вишоците на струја да можат да ги продадат компаниите на слободниот пазар, што законски во моментов не е можно. Ако се подобри бизнис климата за инвестирање, ќе биде подбро за сите не само за странските, туку и за домашните компании, потенцира Мизо во емсијата „За или против“.
OhridNews