До редакцијата на OhridNews се обратија сопственици на ниви кои се лоцирани во непосредна близина на пумпната станица од колекторот кај Подмолје, поточно на потегот околу авто- салонот Опел стар. Се жалат дека често пати, поради како што тие наведуваат, проблеми во работењето на пумпната станица доаѓа до прелевање на фекалии во нивните ниви.

Директорот на МЈП Проаква Струга, Вајт Ајро, за OhridNews изјави дека нема проблеми во функционирањето на пумпната станица кај Подмолје, односно дека нејзините мотори работаат во текот на 24 часа.

Поради одредени пропусти при градењето на колекторскиот систем, мали проблеми се јавуваат единствено кога има обилни врнежи од дожд или кога има топење на снегот, па тогаш може да се јави до преоптеретување на системот и затоа превентивно, привремено се исклучуваат моторите. Но, тоа е многу ретко, вели Ајро. Тој нагласува дека највеќе проблеми се јавуваат во месноста Андон Дуков затоа што има голем број технички, неправилно изведени приклучоци директно на колекторскиот систем, од страна на сопственици на монтажни објекти во околината.

– Таму не постои контролна шахта, па затоа доаѓа на излевање на фекалии, но правиме напори овој проблем што поскоро да се реши, вели директорот. Тој додава дека од неодамна пупните станици се опремени со нови мотори што го зголемува капацитетот на работа, а наскоро контролата врз нивното работење ќе се врши далечински, па така за дефектите нема да има потреба, како до сега, да бидат информирани од страна на граѓаните. 

OhridNews