Компанијата МКМ Нова Трејд, која во моментов со договор за закуп стопанисува со Авто кампот Градиште, со соопштение реагира на изнесените наводи во реакцијата на учесничка на протестот организиран минатиот викенд од Здружението „Оревче“, на кој таа се здобила со фрактура на рака. Оттаму сметаат дека се изнесени лаги и клевети за случајот, со цел, како што се наведува, нивно оцрнување во јавноста.

Никој не го спори правото на здружението Оревче да протестира и на тој начин да си ги остварува своите права.Но,протестот треба да биде насочен према институциите на системот и према оние кои тоа право им го негираат. Во нити еден момент не сме ги негирале или побивале правата на тоа здружение,бидејќи едноставно немаме допирна точка со тоа. Нивниот спор е со институциите на РСМ. Компанијата МКМ Нова Трејд ,во моментов има уреден договор за закуп врз основа на кој периодов стопанисува со авто кампот Градиште.И тоа е факт.Се до негово раскинување или поништување, овој договор за закуп произведува правна сила. До ден денес иако се манипулира со термините правосилни и извршни пресуди на Управниот суд,никој не си го поставува прашањето зошто не се побара нивно присилно извршување преку надлежен Извршител? Со тоа би се извршила промена на сопственоста и членовите на здружението би си ги оствариле своите права.Освен доколку таква одлука не постои. – велат од МКМ Нова Трејд.

Подзакупецот на кампот и камперите, граѓаните што сакаат да ги користат плажите во Градиште, не се орган што може да им ги врати имотите на граѓаните, ниту пак да влијае на одлуката на судови, комисии и слично, додаваат од компанијата. Истакнуваат дека немало контрапоротест туку камперите реагирале бидејќи трет викенд им била нарушена слободата на движење, посочувајќи дека правото на протест на здружението Оревче не е појако од правото на слободно движење на секој граѓанин на територијата на РСМ, нити пак обратно.

Сосема погрешно на камперите кои самоиницијативно решија да си ги остварат своите права, како што си ги остваруваат и членовите на здружението Оревче, им се става етикета контрапротестанти. За да постои контра протест треба да постои несогласување околу една иста тема на протест,односно два различни ставови. Камперите и Компанијата МКМ Нова Трејд не навлегуваат во остварување на правата на членовите на здружението Оревче, нити пак можат тоа да го сторат. Напротив ги охрабруваат да се борат за своите права,но против оние кои што тие права им ги оспоруваат,а не против лица кои немаат допирна точка со тоа. – стои во соопштението.

Во однос пак на, како што се потенцира, наводниот инцидент и физички напад, од компанијата тврдат дека лицата наведени во пријавата поднесена од учесничка во охридсаката полиција, не сториле никакво кривично дело, бидејќи едното лице во тој момент било надвор од Охрид, а другото било на на најмалку 4-5 метра оддалеченост од истата.

Доколку имало било каков физички контакт или напад, зарем полициските службеници немаше да ги приведат “напаѓачите”? Веруваме дека надлежните органи ќе ги преземат сите потребни дејствија за што побрзо расчистување на инсценираниот настан, ќе утврдат кој и што презел, па оттука доколку утврдат било каква одговорност на наша страна спремни сме да ги сносиме последиците за тоа, но доколку утврдат нешто друго, тогаш бараме да поднесат соодветни кривични пријави за лажно пријавување. – се вели во соопштението.

Од компанијата МКМ Нова Трејд, која во моментов со договор за закуп стопанисува со Авто кампот Градиште велат дека оваа е нивна последна реакција се до конечно расчистување на последните настани низ судските инстанци. – Немаме намера да ја оптоваруваме јавноста со секојдневни изјави како што тоа го прават одредени лица и апелираме на воздржаност, смиреност и почитување на правата на секој еден граѓанин на оваа земја, се вели на крајот од соопштението за јавност.

OhridNews

Учесничка повредена на протестите пред кампот Градиште