Млад брачен пар од Естонија вчера доживеал мала непријатност на планината Галичица, откако им се расипало теренското возило, по што морала да интервенира Службата за спасување на планина.

-Добивме повик за млад брачен пар кои биле на прошетка на Галичица, но очигледно со несоодветни гуми, имаа дефект на двете предни тркала и не можелe никако да се симнат. Девојката беше бремена во 6 месец, интервенираше нашата екипа која беше известена околу 18 часот, а во 20 часот парот беше спуштен од планината. Дури и им организиравме шлеп служба и сервис за возилото. Не залутале, но не можеа да се симнат од планината, во што им помогнавме. – изјави Антонио Додески oд Службата за спасување на планина.

Исто така вчера било пријавено дека параглајдерист кој летал со турист во тандем имал проблеми поради лошото време, но сепак успеал безбедно да слета. Неодамна спасителите успешно пронајдоа и безбедно симнаа од планина двајца жители од струшко кои береќји чај изгубиле ориентација.

Овие случаи се само потврда повеќе за неопходноста од постоење на Службата за спасување на планина во Охридско-струшкиот регион, која официјално беше промовирана денеска, во присуство на претставници на владата, општината и ЕУ.

-Како расте интересот за авантуристичкиот туризам, така ќе расте и бројот на несреќи и мислам дека овој проект доаѓа во вистинско време да бидеме соодветно опремени и екипирани да може брзо, ефикасно и соодветно да делуваме. – додаде Додески.

Формирањето на Служба за спасување на планина, која е комплетно опремена со неопходни реквизити теренски возила, е овозможено со грант од ЕУ. Наскоро ќе започне и изградбата на современ центар за спасување во стариот магацин на Црвен крст.

– Ќе имаме голем број на обуки за усовршување на нашите припадници, но и на нови членови. Апелирам јавно преку вас, сите кои се заинтересирани од регионот, било да се љубители на природата, ловџии или се занимаваат со планинарење, можат да се обратат бидејќи ние ќе правиме еден поширок состав на волонтери кои ќе бидат соодветно обучени да можат да бидат помош на основниот тим кој понатаму ќе го градиме. – истакна Додески.

Целта на проектот е по завршување на истиот да се формира служба која ќе може 24 часа, 7 дена во неделата да биде на располагање. Во моментов се изготвува физибилити студија која треба да ги даде моделите за начинот на финансирање на службата за спасување на планина и непристапни терени. Спасувањето има големи трошоци, но општеството мора да инвестира во безбедноста и грижата за граѓаните и туристите, бидејќи тоа е така секаде во светот, а се разбира ние имаме модели како да обезбедиме одредени средства за одржување на опремата за спасување во иднина, посочи Додески.

OhridNews