Со овие зборови, професорот по ликовна уметност Ристе Никлески, се осврнува на сериозниот животен подвиг на младата сликарка, Мила Коцарева- со навршени 15 години да одржи самостојна изложба на 50- тина уметнички дела изработени во техника сув пастел.
Насловот на изложбата е “Раѓање на совршенството”, за кој Коцарева нагласува дека искажува една иронија за привидното совршенство кое под дејство на дрогата се создава во психата на наркозависниците, чија заблуда и мрак во кој пропаѓаат, е претставен преку уметничките дела на младата авторка.
– Како млад човек ме вознемируваат податоците за постојаното зголемување на бројот на наркозависници, чија старосна граница е се пониска, при што најмладиот е на 12- годишна возраст. На училиште имавме можност да проследиме бројни предавања за последиците од користењето на опојни дроги и постојано се прашував што е тоа што може да го натера еден млад човек да посегне по тоа зло, кое засекогаш ќе го уништи неговиот живот, вели Коцарева.
– Сакав на некој начин да допринесам кон борбата против злоупотребата на дроги и со оваа моја изложба да се приклучам кон активностите на надлежните- за подигање на свеста на младите. На моите слики доминираат јаките бои со кои го искажувам мојот оптимизам дека ќе се намали бројот на млади луѓе кои ќе тргнат по патот на дрогата – објаснува младата сликарка.
Изложбата “Раѓање на совршенството” е дел од активностите на општинскиот Црвен крст во соработка со СВР- Охрид, а по повод 26 јуни, Меѓународниот ден за борба против злоупотребата на дроги.
Изложбата ќе биде отворена во Центарот за култура “Григор Прличев” во недела, 26 јуни, со почеток во 18 часот.