Група млади извидници на возраст од 17 години од Извидничкиот клуб „South Rible“ од Ланкешер близу Манчестер, Англија, деновиве престојуваа во Охрид во рамки на предизвикот составен од 12 различни активности кои треба да ги направат за десет дена на патувањето низ Балканот, каде освен Македонија, ќе ги посетат уште и Албанија и Косово.

Подготвување јадење за локално семејство, селфи фотографии на различни локации, посета на археолошки локалитети од Римскиот период, фолклор, посета на занаетчии… се дел од предизвиците што си ги задале младите англиски извидници, меѓу и нив и контакт со локален медиум.

За овој предизвик се косултиравме со Google и прв медиум во Охрид кој ни излезе при прелистувањето и ни беше препорачан беше OhridNews и така ве контактиравме, истакнаа Ева, Хенри, Алекс, Ема, Џејмс и Сем при посетата на нашата редакција.

Авантурата младите извидници почнале да ја подготвуваат пред една година. Патуваат со воз, освен таму каде што тоа не е можно. Тргнале од Англија, преку Холандија и Германија до Балканот. По пристигнувањето во Македонија, од Скопје со воз допатувале до Кичево, од каде со автобус пристигнале во Охрид од кој се одушевени.

Македонците се многу гостопримливи и добри кон нас. Охрид е неверојатно убав, особено езерото, водата е претопла, навистина уживаме тука, велат англиските извидници.

За реализацијата на десетдневниот предизвик младите извидници од Англија имаат буџет од 5 фунти по човек двенво. Целта е да се снаоѓаат како извидници, па така спијат во извиднички домови, цркви и слично. Од Охрид заминаа за Тирана полни со убави спомени кои ќе ги раскажуваат по враќањето од авантурата во родната Англија.

Г. Момироски