Од 22 до 31 август 2011 година во Охрид, ќе се одржи втората „Школа за млади лидери“, под покровителство на претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на која ќе учествуваат 37 млади луѓе од целата земја.
 
Школата за лидери е проект кој беше првпат инициран уште во изборната програма на претседателот Иванов, следејќи ја неговата идеја и визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициоазни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности, информираат од Кабинетот на претседателот.
 
Школата, која за прв пат беше организирана во 2010 година, е наменета е за млади луѓе со завршено високо образование, кои имаат желба да ги развиваат своите лидерски вештини и капацитети, и да придонесат за идниот позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат. Мисијата на школата е да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција, и културната и религиска диверзификација.
 
Програмата опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби.
 
Реализацијата на школата е во целост поддржана од приватниот сектор преку донации.