Srteet Workout или популарното „Улично вежбање“ зема се поголем замаф во земјава, следејќи ги модерните трендови кои доаѓаат од западно-европското тло. Група охридски ентузијасти, веќе неколку месеци активно се вклучени во промоција на овој рекреативен спорт, со цел ширење на спортскиот дух и вредности помеѓу младите во Охрид.
За разлика од другите градови ширум земјава, нашите сограѓани без никаква поддршка од институциите и со потпросечни услови за вежбање, на еден начин успеваат да го привлечат вниманието на јавноста и да ги поттикнат младите aктивно да се впуштат во „авантурата“ наречена Street Workout.
„Ние сме неколку млади од Охрид, кои решивме да се организираме и да го практикуваме овој вид на спорт. Она со што се занимаваме се вика Street Workout или така наречено ,,Улично вежбање”, кое претставува е еден од најмодерните спортови во светот, а во последно време го има и кај нас во Македонија. Можеби сме и најдобро организирани, за разлика од другите градови во Македонија, меѓутоа се соочуваме со некои недостатоци важни за развивање на оваа рекреација.“ – велат момците од Street Workout.
Како недостатоци кои ги потенцираат овие млади ентузијасти, се дефицитот од гиманстичарски справи со кои располага Охрид.
„Имаме голема потреба од изградба на паркови со повеќе гимнастичарски справи на неколку места во градот, каде што би можеле да тренираме и ги усовршуваме нашите способности. Воедно, тоа е и најголемиот проблем кој не спречува да се развиваме. Располагаме и со одредени скици за тоа како би требало да изгледа еден Street Workout парк, за кој искрено се надеваме дека надлежните ќе имаат слух.“ – потенцираат нашите сограѓани.
Како што потенцираат момците од Street Workout, изградбата на еден парк од ваков тип не претставува голема инвестиција, а придонел во развојот на здравиот живот и вредности кај младите охриѓани.
„Позитивно е тоа што овој парк би им служел на сите деца и млади на територијата на општина Охрид за водење на здрав живот и подобар физички развој. Конкретно нашта цел како екипа Street Workout Ohrid, е да успееме на овој план, да добиеме вакви паркови каде би постоела можност да ги споредиме нашите потенцијали со млади лица кои тренираат и по другите градови ширум Македонија, како што се Битола, Велес и Скопје. На еден начин би се организирале спортски настани од ваков тип.“ – потенцираат момците од Street Workout Охрид.
Тие се надеваат дека Локалниот совет на млади ќе има слух за нивното барање, кое според нив би придонело за подобар општествен и спортски живот кај охриѓани.
„За крај посакуваме Советот на општина Охрид и Локалниот совет на малди да го разгледа ова наше барање. Воедно, сакаме да изразиме благодарност за интересот кој го пројавуваат дел од медиумите во насока на развој и развиток на спортскиот дух во нашиот град.“ – завршуваат охридските ентузијасти.
O.T.