Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ – Охрид ја најавува својата нова иницијатива – ученичкиот подкаст „Гимназиски муабети“, кој има за цел да создаде простор каде младите отворено ќе зборуваат за теми што ги засегаат учениците и заедницата.

Преку овој проект, Младинската заедница сака да ја зајакне комуникацијата меѓу учениците и да им даде глас на младите, но и да покаже дека учениците можат креативно и одговорно да придонесуваат во јавниот живот.
Со „Гимназиски муабети“ сакаме да создадеме место каде учениците ќе зборуваат слободно, искрено и храбро. Нашата цел е да ги отвориме важните прашања за младите, да поттикнеме дијалог и да покажеме дека ученичкиот глас има вредност и влијание, вели претседателот на Младинската заедница, Иво Георгиески.
Подкастот е во иницијална фаза на подготовка, а Младинската заедница во моментов е во потрага по водител на „Гимназиски муабети“.
Ги мотивираме сите гимназијалци кои сакаат јавно говорење, новинарство, комуникација и креативна работа да се пријават и да станат дел од овој ученички медиум. Првите епизоди се очекуваат наскоро преку онлајн платформите на Младинската заедницa, посочуваат од Младинската заедница.
Додаваат дека продолжуваат со активности кои ја поттикнуваат креативноста, информираноста и активното учество на учениците во училиштето и заедницата.
OhridNews











