Младински Центар Охрид распишa литературен конкурс по повод 21-ви февруари – Меѓународен ден на мајчиниот јазик на тема „Векувањето на македонскиот јазик“. Според Конкурсот право на учество имаат сите ученици од средните училишта во Охрид, а доставените литературни творби треба да бидат поезија или проза на зададената тема на овој конкурс.

Учесниците на конкурсот се пријавуваат под шифра и возраста на учесникот (примери: поетот08 15 год.; 2911* 17 год.), а право на учество имаат оригинални литературни творби кои претходно не се објавувани, информираат од МЦО.

Изборот на најдобрите литературни творби ќе го изврши тричлена комисија, формирана од Младински Центар Охрид, а добитниците со посебен примерок од литературната творба го докажуваат авторството.

Ќе се доделат три награди во две групи (проза и поезија) на 21 февруари во Младински Центар Охрид, додаваат.

Рокот за пријавување на творбите важи од денес до 15 февруари, а литературните творби треба да се испратат во електронска форма на email адресата на Младински Центар Охрид [email protected] со назнака Литературен Конкурс.

OhridNews