Впечатлив настап имаше младиот јапонски пијанист Томохиро Адачи кој одржа концерт синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид, во организација на Националната установа „Охридско лето“. Адачи покажа маестрална изведба на внимателно избраниот репертоар, и со неверојатна леснотија и префинета техника ја воодушеви публиката која го награди со бурни овации и бисеви.

-Се чувствувам феноменално и сум многу среќен по завршувањето на овој концерт. Црквата е прекрасна, а исто така и акустиката е одлична. Пијаното што го поседува фестивалот „Охридско лето“ на кое што свирев беше совршено, изјави пијанистот Адачи.

Овој млад пијанист го основа и јапонско-хрватското музичко друштво во Токио преку кое организира многу концерти на врвни музичари, секогаш со една цел, воведување на хрватските мелодии и култура во Јапонија.

И самиот тој, на своите настапи изведува мелодии на хрватските композитори Дора Пејачевиќ, Божидар Кунц, Борис Папандопуло, Иво Јосиповиќ, Франко Параќ и други.  Иако млад, позади овој исклучително добар уметник стои богата интернационална кариера во Источна Азија, Европа и Австралија и многу награди за неговата маестрална пијанистичка активност.

За добрата атмосфера на вчерашниот концерт во црквата „Света Софија“, придонесе и јапонската пијанистка Јоко Намазаки која на крајот изведе три композии заедно со Томохиро Адачи.

OhridNews