Градоначалникот Јован Стојаноски, денеска ги прими децата од  Центарот за развивање на животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид, кои на 18 март годинава учествуваа и имаа успешен настап во Белград на првиот Национален Бреинобреин натпревар „БОБ ФЕСТ Србија 2018“.

На средбата, градоначалникот Стојаноски им упати искрени честитки за успешниот настап на натпреварот во Белград и додаде дека тие се вистински амбасадори на Охрид. Како  специјални гости во демо програмата на натпреварот, 22 деца кои го следат деветтото и десеттото ниво на Бреинобреин програмата во центарот БОБ-Црвен крст Охрид, се претставиле со мултимедијалниот перформанс „Грдото пајче“.

Како што беше речено на средбата, младите охриѓани, ја воодушевиле публиката, со тоа што на специфичен начин ги презентирале стекнатите вештини и знаења за мултитаскинг и визуелно, без употреба на абакус, во исто време пресметувале математички операции (собирање, одземање, множење и делење) на двоцифрени и троцифрени броеви.

Покрај долгиот аплауз од публиката, децата добиле и посебни награди од организаторот и амбасадорката на Индија во Србија.

OhridNews