Со повеќе еко акции за чистење на струшкото крајбрежје на потегот од Евро хотел до Елен камен, подводно чистење на езерото, мапирање на еколошки чисти плажи, и едукативна работилница успешно се реализира проектот „Екологија, дел од нашата култура“ како дел од програмата на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во рамките на проектот, кој има за цел подигнување на еколошката свест, изработен е и видео спот преку кој младите испратија силни и јасни пораки за здрава и чиста животна средина.
Младите, помогнати од граѓаните кои се приклучуваа на акциите, собираа најразличен отпад. На повеќе локации се собираше отпадот а беше спроведека и креативна акција „Езерото не е корпа за отпад“ за која беа изработени транспаренти со еколошки пораки за заштита на Охридското Eзеро. Исчистените плажи се обележаа со еко-знамиња како еколошко-чисти плажи. Целта пред сѐ е подобрување на состојбата на животната средина и подигнување на свеста за зголемена заштита на Охридското Eзеро и крајбрежјето, велат од здружението „Нова порта“.
Од спортскиот клуб „Соларис“ кои беа дел од еко-активностите велат дека еколошките акции пред сѐ имаат едукативна намена а практичните примери се најважни во борбата за заштита на животната средина.

OhridNews














