Синоќа во просториите на Основното музичко училиште „Методи Патче“  Охрид, се одржа предвелигденски концерт на младите таленти кои ја посетуваат едукативната „Бреинобреин програма“ во Центарот за развој на животни вештини при Црвениот крст Охрид.

Покрај музичките способности, 40-тина деца на возраст од четири до четиринаесет години презентираа техники и вештини стекнати со „Бреинобреин програмата“, а кои ја потенцираат  фотографската меморија, нумеричките и вербални способности, како и  мултитаскингот.

Ова е прв предвелигденски концерт кој го организира Центарот за развој на животни вештини „Бреинобреин“ при Црвениот крст во Охрид. Центар којшто прв започна во Република Македонија да ја работи „бреинобреин“ програмата и кој навистина со гордост може да каже дека има преку 40 деца, кои веќе се стигнати до 8-мо ниво. Се работи за програма која ги развива животните вештини кај младите и која делува на концетрацијата, самодовербата и мисловните ефекти.“ – вели Сашо Точков, претседател на Црвениот крст од Охрид.

Програмата трае три години

Царева Рувинова, координатор на „Бреионобреин“ програмата за Охрид, вели дека програмата се состои од десет нивоа и трае три години.

Кога дечињата ќе го завршат нивото полагаат испит и продолжуваат со следното.  Оваа програма е доста раширена како низ Македонија каде се отворени голем број центри, така и во Хрватска, Косово и целиот Балкан. Имавме среќа да бидеме првиот центар во земјава и воопшто на овие простори и затоа постигнуваме одлични резултати од оваа програма.“ – вели Рувинова.

Преку „Бреинобреин“ програмата подеднакво се развиваат двете хемисфери во мозокот

Како што објаснува Рувинова, веќе петта година во Центарот за развој на животни вештини при Црвениот крст Охрид, вклучени се повеќе од 50-тина млади кои имаат можност да ја подигнат самодовербата, да ја развијат меморијата, концетрацијата и визуелизацијата.

Тоа се оние животни вештини кои им се потребни на децата во текот на нивниот живот, во процесот на едукација. Се изучува математика низ абакус, древна кинеска алатка, како и англиски јазик. Така да, се работи за една комбинација од интересни вештини кои ги будат оние милиони неврони во мозокот, кои се неискористен потенцијал кај луѓето. Се развиваат двете хемисфери во мозокот подеднакво.“ – oбјаснува Рувинова.

27 одличја на последниот Државен „Бреинобреин натпревар“

На последниот  Државен „Бреинобраин“ натпревар  одржан на крајот од минатата година, дечињата од Центарот за развој на животни вештини при Црвениот крст Охрид успеаа да освојат 27 одличја, меѓу кои 10 пехари, 13 златни и 4 сребрени медалји.

Зедовме доста награди, меѓу кои пехари, златни и сребрени медаљи. Сите дечиња учествуваа во своја категорија, презентирајќи ги своите вештини. Денешната презентација е дел од онаа, која што децата ја добиваа во текот на програмата.“ – вели Рувинова.

O.T.