Модерна современа тетарска претстава на граница на перформанс жанровски фикционална обелоденува многу вистини за светогледот на децата, во едни несигурни и неприлагодени општествени контексти. По шест месеци макотрпна работа членовите на Детското драмско студио „ДрамаКидЗ“ кое функционира во рамки на Центарот за култура „Григор Прличев“ утревечер во 20 часот ќе ја имаат својата премиерна изведба на претставата „Мали vs ГОЛЕМ“.
Младите охридски талентирани глумци видно возбудени велат им било многу интересно, немале многу текст за учење, но научиле многу нови работи како за тетатрот така и општо за животот. Во претставата сите си ги носат реалните имиња и се играат себеси.
Потенцираат дека кога се сака се се може и кога се сака нештото е многу лесно. Стекнале нови другарства, а на претставата гледаат како на голем успех, остварување на еден сон да бидат глумци.
Театарската претстава е коавторско дело на драматургот Кристина Тодороска Петреска и режисерот Ирена Стеријовска, а обработува теми од секојдневието на младите личности нивниот глас и размислувања, наспроти образовниот систем и воопшто светот на возрасните.
Може ќе звучи нескромно, но, ова се ѕвездите на Охрид и во иднина. Навистина се пријавија исклучително талентирани деца кои се надарени за театар, кои сакаат уметност и тоа беспрекорно го докажуваа на работилниците. Ги усвоија принципите на театарот, но стекнаа и вештини за во секојдневниот живот. Неизмерно сме горди. Публиката ќе има прилика да погледне нешто што во модерниот дискурс се нарекува автофикција. Тоа што содржински публиката ќе го слушне е многу во сооднос со она што реално ни се случува особено предизвиците во образованието и други општествени предизвици кои беа другата инспирација за ова авторско дело, вели драматургот Тодороска Петреска.
Тоа што е битно за ова Драмско студио е дека кога се собравме намерата беше да излеземе со одреден продукт односно театарска претстава, вели режисерката Стеријовска потенцирајќи дека големо било задоволството да се работи децата.
Исклучително сум изненадена и почестена што имав можност да работам со толку талентирани деца. Се договориме со Кристина да напишеме текст кој ќе произлезе од нивни мотиви, тоа што нив најмногу им се случува и ги интересира во животот, тоа е училиштето и атмосферата таму, додава Стеријовска.
Пред околу шест месеци отворивме конкурс за Детско драмско студио на кое се пријавија овие дечиња и шест месеци работеа макотрпно со тимот, режисерката Ирена и драматургот Кристина и останатите за да еве дојдеме и до реализација вели диркеторот на установата Горан Симоноски.
Претставата нема да заврши со премиера. Во петок има реприза, и истата ќе продолжи да се игра во рамки на редовниот репертоар, како и организирано по училиштата. Се надевам дека ова тука нема да застане, дека секоја година ќе имаме барем минимум по една претстава од Детското драмско студио при НУ Центар за култура, додава директорот Симоноски.
Инаку, „ДрамаКидЗ“ започна со работа од октомври 2022 година и брои 26 членови од 3то до 8мо одделение. Со нив работат професионалци, членови на ансамблот на НТО и тоа драматурзите Зоран Пејковски и Кристина Т. Петреска, режисерите Ирена Стеријовска и Ѓорѓи Ризески, како и актерите Филип Кипровски, Павел Маслов и Стрезо Стаматовски. Координатор на Драмското студио е Зоран Левески, стручен соработник за драмска дејност при НУЦК „Григор Прличев“.
Н.С.Ј.
видео. К.С.