По повод Светскиот ден на младите, денеска во општина Охрид беше формиран најавениот Локален совет на млади, кој по теркот на Советот на градски татковци ќе има консултативна и советдавна улога.
„Имаме чест да го формираме Локалниот совет на млади при општина Охрид, со што конечно ќе излеземе во пресрет на она наше предизборно ветување, кое денеска станува реалност. На некој начин, ќе ги вклучиме младите луѓе од Охрид во процесот на донесување одлуки во локалната самоуправа. Ќе претставува институција каде младите ќе можат да ги остварат своите пошироки општи интереси, тело каде навремено ќе се детектираат проблемите на младите и ќе се создаваат инцијативи за нивно брзо решавање.“ – изјави градоначалникот Никола Бакрачески.
Тој додаде дека преку во ова тело ќе членуваат млади од разни профили, како ученици, студенти, членови на културно-уметнички друштва, Црвениот крст, спортски друштва, невладини организации и оние кои до сега обавувале некоја општествено-политичка или јавна функција.
„Ќе биде место каде што младите ќе можат да ги изразат своите потенцијали и визии за тоа како да ја градиме заедницата во делот на интерес на младите луѓе кои егзистираат во овој град. Ќе имаат можност да се претстават на едно национално, регионално и меѓународно ниво, а тоа ќе биде добра прилика да ги изразат своите знаења и искуства од она што до сега го работеле.“ – додаде Бакрачески.
По иницијатива на градоначалникот Бакрачески, за претседател на ова младинско тело е назначен Горан Шибакоски, а во Советот ќе членуваат 20-тина млади.
„По иницијатива на градоначалникот, назначен сум за претседател на Локалниот младински совет, кој ќе има советодавна и консултативна улога при процесот на креирање политики кои ги засегаат младите. Советот ќе брои 20-тина членови, кои имаат добиено награди и се успешни во општина Охрид. Како прва активност ќе биде конституцијата на овој Совет, а имаме идеа да формираме иницијатива со која младите ќе ги решаваат проблемите, односно соодветно ќе работат на проекти кои ќе бидат од интерес за нивните потреби.“ – истакна Шибакоски.
О.Т.