Поради малата можност за вработување во Охрид, во последните неколку години голем број млади охриѓани започнуваат сопствен бизнис и сами си ја обезбедуваат својата егзистенција. Најчесто се одлучуваат за отворање на трговски дуќани за текстил, накит, сувенири и цвеќе.

Младите трговци со кои поразговравме на оваа тема велат дека бизнисот го започнале со позајмени средства.

-За среќа мајка ми работи и таа зеде кредит од околу 5.000 евра, за да го уредам просторот, да купам инвентар и да набавам роба. Се одлучив на овој чекор бидејќи неколку години бев невработена иако имам завршено високо образование. Сега месечно го исплаќам кредитот, а со сите давачки, од прометот не останува баш многу за мене, но подобро нешто отколку ништо, вели млада охриѓанка која е сопственик на бутик во Охрид.

Сопственичка на друг бутик смета дека подобро е да бидеш трговец во Охрид отколку чистач во странство.

-Првично имав намера да заминам на работа во странство, но за авионската карта, за визата и другите давачки ми требаа најмалку 2.000 евра. Таму требаше да работам како собарка. Родителите во меѓувреме продадоа некој имот, па решив дел од парите да ги вложам сама и да отворам дуќан. За сега сум задоволна, платата не е како во странство, но барем тука сум сам свој газда. Се надавам дека и во иднина ќе работам успешно, вели нашата соговорничка.

Покрај отварањето на сопствен трговски бизнис, младите се почесто се вработуваат и како касиери, продавачи или доставувачи во охридските магацини и маркети.

-Имам завршено факултет за туризам, но работа по струката не можев да најдам. Бидејќи се оженив, морав да обезбедам месечен приход, па се одлучив да најдам било каква работа. Сега работам како дистрибутер на прехрамбени производи за една фирма. Работата не е лесна но со тек на време се навикнуваш, вели триесетгодишниот М.Т од Охрид.

Тој нагласува дека освен во трговијата и угостителството, Охрид не нуди други можности за вработување.

Според последниот извештај на Агенцијата за вработување, заклучно со 31 март 2014 година, во Охрид биле рагистрирани 4.269 невработени од кои 1.308 се на возраст од 20 до 34 години. Од вкупниот број на невработени охриѓани 828 лица се со високо образование, а 201 лице е со завршена виша школа. Работа во Охрид бараат и 1.236 лица со завршено средно образование како и 42 лица кои имаат титула магистер на науки.

Е.М