Дебати, презентации, работилници и предавања кои се посветени на женските права и интереси многу ретко се одржуваат во Охрид. Причината за оваа состојба лежи во фактот што младите жени многу малку се запознаени со поимот женски активизам и речиси воопшто не се интересираат за волонтерски активности поврзани со подобрување на состојбата на жените на локално и национално ниво.
Од Женскиот центар ,,Бисера” од Охрид, велат дека младите девојки и жени мора да станат свесни дека треба да се ангажираат и дека од своите домови нема да можат да променат ништо во општеството.
-Многу млади, интелигентни и едуцирани жени, кои поради тоа што се невработени, деновите ги поминуваат седејќи дома. Само со малку добра воља и креативност можат да се активираат во граѓанскиот сектор и да станат корисни за општеството. Можат да придонесат во различни сфери и да поттикнат активности и настани. Со самото тоа што ќе се вклучат ќе стекнат работно искуство, нови контакти, па може да им се отвори и можност за вработување, вели Нада Мартиноска, претседател на Женскиот центар ,,Бисера”.
Од Женскиот клуб ,,Сороптимист” кој спроведува активности на подрачјето на Охрид и Струга велат дека младите девојки се заинтересирани за вклучување во граѓанскиот сектор, но сепак постои празен простор кој допрва треба да се пополни со таков тип активизам, насочен кон освестување на интелектуалните капациети и амбиции.
– Искуството ни покажува дека е бесмислено да се ограничуваат општествените сфери во кои жените се вклучуваат или би требало да се вклучуваат. Постојат успешни жени доктори, архитекти, инжинери, книжевници, уметници. Познавам млади девојки кои се свесни за своите права и кои се љубопитни да научат повеќе и кои се амбициозни да ги остварат своите цели. Но секако постојат и млади девојки кои дополнително треба да се поттикнат да се дообразуваат и на кои треба да им се воочат правата и можностите како за личен, така и за професионален напредок, вели Мерсиха Исмајлоска, претседател на клубот ,,Сороптимист”.
Таа нагласува дека нивните активности продолжуваат и понатаму и се надева дека во втората половина на јуни во нашиот регион ќе биде отворен и првиот лидерски камп за девојчиња.
Е.М