Според истражувањата спроведени Македонија само 1,3 отсто од младите девојки до 29 години користат орална хормонска контрацепција, што укажува на фактот дека многу мал процент на млади во Македонија користат модерна контрацепција, пренесува „Макфакс“.
Асоцијација за здравствена едукација и истражување го одбележа Меѓународниот ден за контрацепција со младинската конференција „Како да им се обезбеди модерна контрацепција на младите во Македонија„. Одбележувањето на овој меѓународен ден има за цел да ја зголеми информираноста, но и да порача дека секоја бременост треба да биде посакувана.
Даниел Калајџиески од ХЕРА, рече дека со постоечките национални стратегии за сексуално и репродуктивно здравје е препознаена финансиската бариера како еден од факторите за малата употреба на контрацепција. Во нив се предвидува воведување орална хормонска контрацепција на позитивна листа, како и посебни програми со кои што ќе се обезбеди и за ранливите и социјално исклучени категории на граѓани.
„Од нивното донесување, па се до денес не е ништо направено од страна на државните институциите за спроведување на стратегиите во овој сегмент. На сметка на тоа младите немаат пристап до модерна контрацепција, која што е дел од основната здравствена заштита“, рече Калајџиески.
Деспина Димитрова, волонтер во ХЕРА смета дека доколку нивната цена се намали, односно тие бидат на товар на државата многу повеќе млади девојки ќе може да си ја дозволат. За младите луѓе месечниот издаток за контрацепција е преголем, ако се земат предвид останатите трошоци што тие ги имаат, но и нивната економска зависност.
Ивана Давидовска, Претседател на Националниот младински совет на Македонија, на крај рече дека младите луѓе треба да имаат можност да направат слободен избор за нивното сексуално и репродуктивно здравје.
„Инвестирањето во здравјето значи инвестирање во здрави животни навики, особено кај младите луѓе. Контрацепцијата е токму еден значаен дел од целокупното сексуално и репродуктивно здравје на младите. Статистиката во однос на употреба на контрацепција кај младите во Македонија јасно ни посочува дека е потребен напор за да се подобри оваа состојба“, додаде Давидовска.
OhridNews
извор:„Макфакс“