Младите се заинтересирани да го продолжат образовниот процес во државата на некој од факултетите и универзитетите. Велат се нудат одлични можности и нема потреба да се заминува надвор. Од друга страна,  од образовните институциите посочуваат дека со своите студиски програми не се далеку зад европските институции. Ова беше посочено на Саемот за образование и кариера кој трета година по ред се одржа во Охрид во организација на Младинскиот Центар.

  • Планирам да останам тука за студирање и размислувам помеѓу Машински факултет и УИНТ Апостол Павле. Многу сакам да продолжам на Машински факултет, но ме спречува дистанцата што треба да одам во друг град. Јас сум одличен ученик, сите 4 години аплицирав и не добив ниту еднаш стипендија и плус сум државен првак во мојата струка машински техничар, имам прво место, а не земам стипендија. Сeпак продолжив да си учам и годинава завршувам со 5 просек и не дозволувам да ме демотивира што не ме стипендираше државата, истакна Давид Бујароски, машински техничар.
  • Размислувам за Македонија бидејќи имаме доста можности тука. Нашата држава нуди, гледам полека младите работат, се трудат нешто да направат во нашава држава и тоа ме мотивира и јас да продолжам тука, вели Кристијан Нестороски од средното-угостителско училиште.
  • Сега за сега планирам да продолжам во Скопје да студирам на Машински факултет. Најмногу ме интересираат машинските предмети и математиката, па би продолжила или производно машинство или термоенергетика, вели Софија Кецкароска.

На Саемот учествуваа образовни институции од високо и средно образование, како и организации и академии кои нудат алтернативни форми на едукација и професионален развој. Сите имаат стратегии за привлекување на матурантите со атрактивни програми,  мобилност и размена  на знаења.

Имаме доста голем интерес од страна на матурантите за нашите студиски програми, но не е само учењето туку е и делот на соработка и размена на искуства, мобилност и размена на занења, вели Александар Карадимче од УИНТ „Св Апостол Павле“ – Охрид.

Стратегијата е да се оди на што поголема вклученост на студентите, можност за практична работаво компаниите, кое ние го обезбедуваме преку нашата мрежа за соработка. Заминувањето на студентите да студираат надвор е од апсект на поинаквите можности кои  се нудат, но кај нас самите студенти имаат да искористат големи можности посебно со помош на дигиталните технологии, дигиталните алатки, да останат тука и да се чувствуваат дека се на престижни центри. Не заостануваме зад странските универзитети затоа што и ние се трудиме да обезбедиме стипендии, можности за вработување, посткариерно советување и нашата алумни мрежа доста придонесува во сето тоа. Сметам дека со помош на проектите кои сега ги имаме ќе имаме можност да задржиме повеќето млади. Имаме доста и студенти што се враќаат назад. Можностите кои ги нудиме не се многу далеку од тоа што го има во Европа и останатите универзитети,  потенцира Карадимче.

ФТУ Охрид како еден од најстарите факултети за туризам и угостителство на овие простори има богата традиција. Околу 50 години ги нудиме традиционалните насоки туризам, хотелско-ресторантски менаџмент, но и царина и шпедиција, осигурување и менаџмент во услужен сектор, вели Елена Ќосеска од ФТУ – Охрид.

Нашите статистики говорат дека до овај момент имаме преку 5000 дипломирани студенти. Во поново време нашите насоки Гастронимија и Менаџмент во услужен сектор се доста барани и актуелни за младите. Особено готварството како посебна наука се актуелизира и веќе е доста платена, посочи Ќосеска.

На Саемот младите од Охрид и околината имаа директна можност за информирање, вмрежување и планирање на својата професионална иднина, но и се запознаа со тоа што претставува кариерното советување и кои се придобивките од истото.

Фото галерија:

 Саем за образование и кариера

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска