Тешка сообраќајна несреќа со трагичен исход се случила денеска околу 13 часот на патот Битола–Ресен, кај местото викано Слечиште, информира Министерството за внатрешни работи.
Според првичните информации се судриле патничко возило Мерцедес управуванo од 52-годишен битолчанец со место на живеење во Германија, кој починал на лице место и автомобил Опел со охридски регистарски ознаки во кое се превезувале две млади лица на 20-годишна возраст од Охрид. Од повредите здобиени во сударот едно од двете лица починало во клиничката болница во Битола.
Истрагата треба да ги утврди причините за трагедијата до која, според пишувањето на локалните медиуми од Битола дошло поради претекнување.
Ова е втора тешка сообраќајна несреќа што се случи денеска во регионот. Исто така попладнево, дошло до судар на камион и две патнички возила на патниот правец Охрид – Кичево, при што со тешки повреди се здобиле две лица.
OhridNews