ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид на свеченост која се одржа во црквата „Св. Софија“ во Охрид ја одбележа 90 годишнината од основањето. Настанот се одржа под покровителство на претседателката на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, а во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, академици, претставници на научната фела…

Девет децении постоење не се само бројка, тоа е историја на посветеност, на труд и на научна љубопитност. Во 1935 година во времето кога науката за копнените води беше во своите почетоци, токму овде на бреговите на Охридското Езеро се поставија темелите на првиот научно- истражувачки центар од ваков вид на Балканот. Благодарение на визионерството на научникот, академик Синиша Станковиќ започнува една нова ера на систематското проучување на езерото и богата флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови, рече во обраќањето директорката на ЈНУ Хидробиолошки завод Охрид, Орхидеја Тасевска.

Се осврна на развојот на Хидробиолошкиот завод низ годините, посочувајќи дека од станица станува завод организиран по углед на две многу познати лимнолошки станици во Европа, во Австрија и Германија, а во 1961 година и самостојна научна организација која во 1994 година е запишана во регистерот на организации за научно-истражувачка дејност во Р. Македонија, да денес е Институција од стратешко значење за државата.

Од тие први денови па се до денес Заводот ја изгради својата мисија истражување, заштита и одржливо управување со езерата и водните ресурси. Денес Хидробиолошкиот завод е модерна научна установа со тим од научни работници кои со својот труд и визија ја надоградуваат работата на генерациите пред нас, организирани во десет одделенија со низа истражувања со што се потврдува научната зрелоста. Заводот има капацитет и компетентност да ги следи состојбите со сите природни и вештачки езера во државата и со тоа да обезбедува стратешки податоци за управување со водните ресурси. Институутот врши и активна заштита на животната средина. Во текот на својот раст и развој оваа установа се соочувала со многу предизвици и потешкотии, но останала столб на лимнолошките истражувања во нашата земја. Хидробиолошкиот завод е симбол на нашата одговорност кон природата, чувар на нашето најголемо богатство и мост што не поврзува со светот. На 90 години од неговото основање нашата мисија продолжува со уште поголема посветеност, со визија за иднината и со вера дека науката и природата мора да одат рака под рака, додаде Тасевска.

Хидробиолошкиот заводот е жив сведок на човечката упорност и успех да проникне во тајните на природата и да го сочува непроценливото езерско богатство, инспирирајќи ја релевантната научна заедница, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Се прашувам – има ли поголем професионален предизвик од тој да му се посветите стручно и страсно на уникатното Охридско Езеро, старо дури милион и триста илјади години, најстаро во Европа, да го проучувате, да го мониторирате, да го штитите, да го негувате, да го обновувате, па дури и да го оживувате. Вие сте за мене ин витро оплодувачите на охридската пастрмка во вашиот, односно вашиот инкубатор – мрестилиштето, без кое, овој ендемски вид, би исчезнал од езерските води. Ме запознавте минатата година со вашиот сложен систем на функционирање. Знам дека располагате со софистицирана лабораториска опрема. Знам дека поседувате брод за теренска работа во езерските води. Знам дека ги истражувате невидливите светови на микроорганизмите како и величествената хармонија на флората и фауната, единствена во светски рамки. Јасно ми е дека во технологијата мора постојано да се инвестира и да се биде во тек со најновите технолошки достигнувања и иновации. По она што го видов и она што го дознав минатата година, сигурна сум дека најсилната страна на оваа институција сте вие, човечките ресурси, истакна Сиљановска-Давкова.

Евидентно е, додаде, дека Хидробиолошкиот завод ја зајакна позицијата на македонската научна мисла во Европа и пошироко, но не смее да се занемари и превиди дека Хидробиолошкиот завод од Охрид се грижи и за останати водни ресурси во државата и како таков претставува првата линија на одбрана во борбата против климатските промени, исчезнувањето на видовите и загадувањето на водите.

Јавна тајна е дека слатката вода како ресурс е во фокусот на сегашноста, а ќе биде клучна и во иднината. Впрочем, предвидувањата велат дека таа можеби, или веројатно ќе биде извор на идните светски конфликти. Но, не смееме да замижуваме пред горчливата вистина за сенките понекогаш надвиснати над езерото: неконтролираниот урбанизам, загадувањето, несоодветното управување со отпадните води, смртната опасност по јагулата и нејзиниот попречен, па и оневозможен пат кон Саргасовото море и назад, сечењето на трските и уништувањето на блатото. Сето ова не смееме да не го гледаме. Благосостојбата на езерото не е сама по себе загарантирана, ако општеството и институциите не се грижат за него и ако не војуваат со него. Да потсетам, ако продолжиме и ако дозволиме да го вознемируваат и уништуваат езерото, ќе посегнеме по суицид.  Наш императив, и се радувам од претходно чуеното, мора да биде да го сочуваме и одржуваме овој непроценлив животен ресурс, потенцираше претседателката апелирајќи за зголемување на буџетот на Заводот заради инвестирање во опрема, но и во кадровско доекипирање за обезбедување непречено и континуирано функционирање на фундаменталната научноистражувачка и образовна дејност од областа на биологијата – лимнологијата.

Државниот советник за наука и иновации при Министерството за образование и наука Светлана Пинева истакна дека Хидробиолошкиот завод има значајна улога во изготвување на планови за управување и регулатива на природните ресурси, при тоа посочувајќи ја поддршката за реализација на проектни активности значајни за Охридското Езеро.

Во рамки на проектното финансирање што оваа година повторно беше активирано Министерството за образование и наука додели средства во износ од 3 милиони денари за продолжување на истражувањата на Охридското Езеро. Оваа година издвоен е буџет од 680 милиони денари за финансирање на наука што е речиси двојно повеќе за разлика од буџетот во 2024 година. На три јавни конкурси распределени се 374 милиони денари за проектно финансирање на јавните научни установи, факултетите, научните институти и МАНУ. Науката и истражувањата, користењето на знаењата и македонскиот памет се единствениот начин на малите држави да се натпреваруваат со светот. Како Институт вие тоа го потврдувате, додаде Пинева.

Хидробиолошкиот завод е темел на научното проучување на Охридското Езеро, нашето непроценливо богатство. Пд своето основање до денес тој ја носи мисијата да ја чува неговата уникатна флора и фауна, да ја објаснува неговата тајна долговечност и да создава мост помеѓу науката и општетсвото, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Во овие девет децении е вграден трудот на нашите научници, нивната визија и верба дека знаењето е најсилната алатка за зачувување на природата. Дозволете ми да упатам благодарност до сите оние кои го градеа овој центар на знаењето, од првите визионери, до денешните истражувачи и вработени. Благодарение на нив, денес со гордост можеме да кажеме дека Охридското Езеро не е само наше богатство, туку дар за целото човештво, како светско природно наследство. овој јубилеј е и потсетник дека науката нема крај. Таа е патек што секогаш води кон нови прашања, нови одговори и нови предизвици. Затоа, денес со инетерс се навраќаме на минатото, но уште посвесно гледаме кон иднината, кон новите генерации кои ќе ја продолжат оваа благородна мисија. Посакувам овој јубилеј да ни покаже дека науката е најголемиот светилник на патот по кој чекориме, а природата е нашата најголема инспирација. Верувам дека Хидробиолошкиот завод ќе продолжи да расте и да се развива и дека во иднина ќе прославува уште многу значајни годишнини и јубилеи, рече Пецаков изразувајќи надеж дека и во иднина ќе продлжи соработката со локалната во насока на менаџирање на сите предизвици на новото време.

На настанот беа врачени благодарници и плакети на заслужните за развој на Хидробиолошкиот завод изминатите години.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска