Во пресрет на 14 Ноември, Меѓународниот ден на лицата со дијабет, Здружението на лица со дијабет Охрид, го започна циклусот од пет настани.

Првиот насловен „Моќта на живата исхрана“ беше реализиран во просториите на РЦСОО „Ванчо Питошески“ во Охрид, под менторство на проф. Васко Талески и под водство н Милена Јабука Димоска.

Средбата беше емотивна и длабоко инспиративна. Милена, преку својата лична приказна обележана од болка, но и неверојатна трансформација, ни го пренесе патот кон живата исхрана: свежо овошје, зеленчук, вода и природни сокови. Се едуциравме за влијанието на сировата храна врз телото, умот и енергијата. Учениците, заедно со Милена, подготвија мени кое го дегустиравме со восхит: живи ќофтиња, живи крекери, киноа салата, „жива“ руска салата со мајонез, хумус од наут, охридско макало со скопски шмек, жива нутела, превкусно смути и многу вода. Сите рецепти ќе бидат достапни во печатен флаер наскоро, велат од Здружението.

Упатуваат благодарност до спонзорот на настанот, како и до учесниците и гостите бидејќи велат ова е почеток на нешто моќно, хумано и вкусно. Воедно во рамки на настанот посочуваат дека бил одбележан и 81 роденден на долгогодишниот член на Здружението и ценет професор Јосиф Андреески.

OhridNews