Охридските ракометари ја продолжија победничката серија во суперлигашкото друштво совладувајќи ја Струга со 28-10 (13-6) во „Езерското“ дерби кое се одигра пред преполни трибини во СРЦ „Тими“ во Струга во рамки на 7-то коло Супер лигата.

„Гладијаторите“, одиграа фантастично во двата правци а најмногу се истакна црногорскиот голман Јагош Брауновиќ, кој ги фрли стружани во очај.

Неполни десеттина минути полетните стружани се држеа и му парираа на Охрид. Кога охриѓани уфрлија брзина погоре разликата растеше од минута во минута. Првото повисоко водство Охрид го имаше 8-5. До крајот на полувреме Брауновиќ прими само еден погодок, а неговите соиграчи постигнаа пет за водство 13-6.

Второто полувреме помина комплетно во знакот на Охрид. Ракометарите предводени од маестралните „Рибари“ го растурија противникот во секоја смисла на зборот. Речиси до крајот на мечот стружани постигнаа два голови, а охриѓани немилосрдно ја полнеа мрежата на Стојаноски. После истекот на 60-та минута на семафорот стоеше 28-10 во корист на охриѓани.

Во листата на стрелци предничеа Иван Тасески и Бобан Блажески со пет голови, по четири пати прецизни беа Наум Костов, Николче Ристески и Денис Тот. Во тимот на Струга најефикасен со три погодоци беше Слободан Новаковиќ.

За охридските ракометари ова беше шеста победа во седмиот меч сезонава, додека стружани остануваат во долниот дел од табелата без победа.

Во Супер лигата следува двонеделна пауза.

Мх.П.