Поранешниот претседател на Јувентус Лучијано Моџи е ослободен од две точки од обвинението за аферата „Калчополи“, додека третата точка од обвинението е отфрлена поради застареност.

Моџи е ослободен од обвинениата за две измами во спортот поради што првично беше осуден на затворска казна во траење од две години и четири месеци.

Со оваа одлука на судот аферата „Калчополи“ се претвори во вистинска фарса, а Јувентус кој остана без титулите во 2005 и 2006 година и поради што беше префрлен во Серија Б, бара да биде обештетен со 433 милиони евра.

Јувентус парите нема да ги добие бидејќи судијата Алдо Фијале заклучил дека постоел систем за избор на судиите со кои се влијаело врз резултатите во Серија А.

За аферата „Калчополи“, покрај Јувентус, казни добија Милан и Фиорентина, кои сезоната 2006/2007 ја започнаа со минус од осум односно 15 бодови.  

Покрај на Моџи затворската казна му е укината и на поранешниот директор на Јувентус Антонио Гираудо, додека поради застареност од обвиненијата претходно беа ослободени поранешните сопственици на Фиорентина браќата Андреа и Дијего Дела Вале, како и претседателот на Лацио Клаудио Лотито.

Аферата „Калчополи“ прерасна во фарса, бидејќи не е до крај истражено влијанието на челниците на Интер кој најмногу профитираше од аферата, но и поради тоа што Фудбалскиот сојуз на Италија намерно одолговлекувал целиот случај за тој да застари, по што е префрлен во надлежниот суд каде поголемиот дел од обиненијата исто така застареа.

„Макфакс“