Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за надворешни работи, Никола Димитров и државниот секретар во МНР, Виктор Димовски, денеска попладне се сретна со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и заменик претседателка на ЕК, Федерика Могерини, придужувана од амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Самуел Жбогар
Високата претставничка на ЕУ, Могерини, на средбата рече дека главната порака што ја носи се честитки, до премиерот Заев лично, до Владата, до опозицијата, до Парламентот и до граѓаните, за добиената чиста препораката за почеток на преговори на Македонија за членство во ЕУ.
Тоа, како што рече Могерини, е резултат на добро завршената работа во надминувањето на политичката криза, постигнатото во реформскиот процес, конструктивните политики со сите политички чинители и со опозицијата, добрососедските односи, како и дека сите тие процеси треба да продолжат низ имплементација на реформите и натамошно обединување на сите, околу националните и стратешките цели на државата.
Во изјавата за медиумите, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, соопшти оценка од ЕУ дека Република Македонија е вратена на патеката на Европската унија, за разлика од пред една година, дека е поминат голем пат, дека чистата препорака е резултат на заеднички сработеното и дека власта и опозицијата треба да ги задржат силите да работат заедно во натамошните чекори.
Владата, како што рече таа, ја има одговорноста да ги отвори вратите за опозицијата, но опозицијата има одговорност да учествува во процесите. Тоа е пристап, како што рече високата претставничка на ЕУ, Могерини, којшто дава резултати и крајна цел е подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, а дека членството во ЕУ тоа го носи со себе. Побара задржување и спроведување на реформите на транспарентен и одлучен начин.
Во врска со добрососедските политики, Могерини, оцени дека се направени импресивни чекори во регионалната динамика и билатералните односи. Дополни дека Република Македонија развива добрососедски односи и придонесува во соработката на регионален план, како и дека до следниот Самит во Софија во мај, се надева на решенија за билатералните прашања.
Во врска со разговорите со Грција, претставничката на ЕУ, Могерини, соопшти дека го поддржуваат и поттикнуваат процесот и оцени дека заеднички прифатливо решение може да биде постигнато. Таа изрази надеж дека во решавањето на прашањето ќе учествува и опозицијата.
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на прес конференцијата, се заблагодари за реално вреднуваните резултати што ги постигна Република Македонија во изминатите 10 месеци, од страна на ЕУ.
-Твојата лична заложба, како и на еврокомесарот Хан, и на претседателот на Европската комисија, Јункер, и на сите земји членки на Европската унија, искрени пријатели на Македонија, да им се помогне на граѓаните на Република Македонија во нивната определба да живеат во слободна, демократска и европска држава – се од големо значење за иднината на нашите граѓани и нашата држава. Затоа, како претседател на Владата, во име на граѓаните на Република Македонија изразувам голема и безрезервна благодарност. Затоа што го слушнавте гласот на мнозинството граѓани и ги поддржавте демократските процеси во нашата држава на принципиелно ниво. ЕУ, со овогодишениот Извештај за напредокот на Македонија, ја даде заслужената чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ, а којашто неколку години наназад беше условена поради длабоката политичка криза, назадувањето со реформите и констатацијата за „заробена држава“, со обезбедување демократски амбиент и демократски реформи, согласно очекувањата на граѓаните, согласно договореното во Пржино и согласно препораките на групата на Прибе“, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, испрати порака до граѓаните и до претставниците на ЕУ.
-Останете фокусирани на Република Македонија. Енергично сме посветени на спроведувањето одржливи реформи и по планот 3-6-9, веќе од денеска ги ставивме на маса подготовките за динамиката на реформскиот процес до крајот на 2018 година. Ќе ги оправдаме очекувањата, ќе дадеме нови причини за поддршка, граѓаните на Република Македонија заслужуваат да бидат дел од Европа, нека стане реалност очекувањето за добивање датум за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, на советот на министри во јуни. Интеграциите на Република Македонија во ЕУ и НАТО за нашите граѓани значат економски развој, нови работни места, поголеми плати, повисок животен стандарад, мотивирани млади луѓе и интелектуална и работна сила којашто ќе остане да живее и работи во Република Македонија. Интеграциите на Република Македонија и на целиот регион во ЕУ и во НАТО мислам дека за сите е веќе јасно и дека е стратешки интерес од широки рамки, за зачувување на демократските вредности, стабилноста и безбедноста во светски рамки, нешто што ги засега сите граѓани, каде и да живеат, а не само граѓаните од Западен Балкан. – додаде Заев.
Прашана за очекувањата дали е можно Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, по ставовите искажани од Грција, како што беше речено, дека нема време за решение на спорот до Самитот во јуни, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Могерини истакна дека е оптимист, дека времето може да се искористи како што било искористено и од страна на Македонија и од страна на Грција за разговори и преговори досега и дека се надева дека резултатот е возможен.
Moгерини вечерва оствари средба и со Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на која биле разменети мислења за актуелната политичка состојба во Република Македонија, за процесот на европска интеграција, како и за клучните предизвици со кои се соочуваат регионот и Европската Унија.
Како што соопшти кабинетот претседателот, Иванов ја поздравил обновената препорака на Европската Комисија за отворање на пристапни преговори со Република Македонија, истакнувајќи дека деблокирањето на интегративните процеси преку одредувањето на датум за почеток на пристапните преговори, позитивно ќе влијае врз реформските процеси и врз целата општествено-политичка состојба во Република Македонија.
Двајцата соговорници констатирале дека доследното и заедничко придонесување во исполнувањето на реформските процеси, од страна на сите чинители во државата, ќе придонесе за европската иднина на Република Македонија.
OhridNews