Јубилејното 20-то светско првенство во фудбал, чиј домаќин беше Бразил, заврши во неделата со победа на Германија. Германците во финалето по голема борба која траеше 120 минути ја совладаа Аргентина со 1-0. Стрелец на решавачкиот гол беше Марио Геце во 113.минута од натпреварот.
Светското првенство за кое пред почетокот постоеше сомнеж како ќе биде организирано, бидејќи домаќинот се соочуваше со големи проблеми, ќе се памети како едно од најдобрите и највозбудливите во фудбалската историја.
Како и на секој Мундијал и на овој беа соборени неколку рекорди, а веројатно најмногу ќе се памети оној на Мирослав Клосе, кој од репрезентацијата на Германија се прости како најдобар стрелец во историјата на Мундијалите.
Клосе (36), по четврти пат беше дел од едно СП, тој од 2002 до 2014 година на завршните турнири одиграл 24 натпревари и постигнал рекордни 16 голови.
Своето име во историјата Клосе го запиша во полуфиналето против Бразил, кога го постигна вториот гол за својата репрезентација во историската победа на Германија од 7-1.
Инаку, ова СП е едно од најефикасните, голот кој Геце го постигна во финалето беше 171, со што е израмнет рекордот од СП во 1998 година.
Особено беше ефикасно во првата фаза, кога на 48 натпревари беа постигнати 136 голови (2,83 по натпревар). Потоа следуваше период на калкулации, па во пет осминафинални мечеви се играа продолженија. Исто така пласман во четвртфиналето изборија победниците во своите групи што не се случило никогаш претходно.
Мечот Бразил-Германија урна многу рекорди, Бразилците влегоа во друштво на Заир и Хаити, како репрезентации кои во првото полувреме примиле пет гола на едно СП.
Германците ја забележаа највисоката победа во полуфиналните мечеви на СП-а, а никогаше претходно за 29 минути не постигнал пет гола.
На ова СП бевме сведоци и на најбрзиот авто гол во историјата, него го постигна Сеад Колашинац од БиХ, кој сосптвената мрежа ја затресе по две минути и осум секунди игра.
Тим Хаурд, голманот на САД, во осмина финалето против Белгија имаше рекордни 16 одбрани, но не успеа да ја однесе својата репрезентација меѓу најдобрите осум.
Неговиот колега Фарид Мондрагон, со 43 години и три дена стана највозрасниот учесник на едно СП. Мондрагон велзе во игра на мечот Колумбија-Јапонија со што го надмина рекордот на Роже Мила.
Холандскиот голман Јаспер Силесен ќе биде запаметен не по бравурозните одбрани, туку по тоа што тој е првиот голман кој бил два пати заменет на едно СП.
Холандија е првата селекција чиј селектор им дал можност на сите играчи кои ги имал во ростерот да одиграат барем една минута на СП.
„Макфакс“