Охрид имал и ќе има млади музички таленти, на кои им е потребна подршка од сите на патот кон нивниот успех, со цел и што повеќе луѓе ги слушнат   надвор од Македонија, затоа што станува збор за исклучително талентирани млади луѓе, вели директорката на основното музичко училиште „Методи Патчев“, Нина Момироска.

Охридските млади музичари години наназад се едни од најуспешните  на одржаните бројни државни и меѓународни натпревари. Како што објаснува Момироска тоа се должи на нивниот талент, но  и мотивираноста.

–    Голема улога има и стручниот  кадар со кој располагаме, професорите кои се големи ентузијасти и не гледаат на работното време  само колку да се одржи часот, бидејќи успесите не се постигнуваат само со два пати неделно одржани часови . Потребна е и голема мотивација од страна на менаџерот кон наставничкиот кадар, но исто така и мотивација од наставникот кон децата. Сепак, за успесите да продолжат да се нижат и да се учествува и на врвни натпревари во светски рамки неопходна е поддршка и од институциите. Бидејќи овие млади големи  таленти од Охрид  го заслужуваат тоа  , вели директорката Момироска која додава дека во училиштето веќе се започнати подготовките за претстојните државни и меѓународни натпревари во месец март.


Во текот на изминатата 2012 година, на одржаните државни и меѓународни натпревари, учениците од ОМУ „Методи Патчев“ освоија вкупно 31 награда, од кои над 20 се за освоени први места.

Т.Кувенџиска