Сликарство на Јордан Манасијески обединува и ги премостува сите времиња. Монографијата посветена на неговото творештво, не е само монографија, таа е духовен манифест кој со децении ќе биде раскажан, таа е патоказ на идниот спас на човештвото. Ова во обраќањето на промоцијата со која беше одбележан 55 годишниот јубилеј од творештвото на академскиот сликар Јордан Манасијески, го истакна промоторот и историчар на уметност Владо Ѓорески-Рафик.
Ова не е монографија, ова е манифест за спас. Ова е сликарство кое ги содржи, ги обединува, ги воспева сите наши внатрешни доблести, наши соѕвездија кои ги имаме во нас, кои се огледло на соѕвездијата над нас. Ги премостува сите времиња, сите простори. Ова е сликарството кое ќе создаде една нова цивилизација која е цивилизација на таа ревидирана уметност. Јордан не создава, тој го толкува светот, ја бара визијата на божјето сликарство, се доближува до есенцијата на потоењето, кое не можеме и не сакаме да го прифатиме заради нашиот проклет конформизам, истрошен. Ова е аскетизам. Ова се слики кои се молитви упатени до сите ѕвезди кои се во нас и над нас.
Тој, посочи Ѓорески-Рафик, се движи по една линија и ни го нуди тоа што е вредно, хуманизмот, ни го нуди човекот во сите негови димензии, во неговото неверојатно богатство, во неговото мултициплицирање да биде сеопфатен со неговата божја природа.
Ова сликарство не може да е во корелација со сликарството кое ни е наметнато. Неговото сликарство е говорот на љубовта преку боите, преку потезите, зошто работи дирекно според пулсот на неговот срце. Тој ја создава музиката на душата која одѕвонува и ќе одѕвонува и кога нема да постои ниедно човештво, бидејќи таа е дел од една нова галаксија. Неговото сликарство, неговиот опус кој допрва ќе биде предмет на проучување и кое е дел од една сериозна творечка вертикала на ова поднебје е всушност новата галаксија која е веќе создадена, осветлена од внатрешната светлина која извира од овие слики, галаксија која слободно можеме да ја наречеме Јорданова, потенцираше Ѓорески-Рафик.
За творештвото на Манасијески и неговите успеси говореше и Љупчо Жупан, кој посочи дека тоа што го видел и доживеал во атељето на Јордан, не го доживеал во ниту едно од посетените атељеа.
Повеќегодишното целокупно творештво и активност на уметникот Јордан Манасијески не обврзува како поединци, институции и општество да продолжиме со презентирање и промоција на неговото дело, а идејата за основање на институт за анализа на неговото сликарство е веќе започната, што е предвесник на идејата за музејски простор, во кој би се имало преглед на целокупното негово творештво, најави Жупан.
Монографијата, како што истакна заменик градоначалничката на Охрид Ана Крстеска, е испечатена на околу 500 страни со речиси 300 негови репродукции.
Премногу е мал и скромен секој избран збор за академскиот уметник со светско реноме Јордан Манасијески, охриѓанецот кој не воздигна високо до небесниот свод и со своите дела, направи да не спознае целиот свет. Едноставен тивок сограѓанин, кој ужива во тишината на своето атеље каде на платно ги оживува своите фантазии додека се полнат со восхитени посетители галериите каде што тој изложувал, Геманија, Франција САД, Јапонија, Англија… Манасијески спонтано станува наш ликовен амбасадор во странство. За него имаат пишувано многу познати светски пера, а неговите дела, многупати се документирани на филмското платно. Тој неуморно твори и повторно не воодушевува сите нас со иста мера на бескраен восхит од секоја негова уметничка творба, посочи Крстеска.
Гувернерот на Сојузот на лајонс клубовите Дистрикт 132 Македонија, Хари Коцев истакна дека Охрид и Македонија ги немаат само охридските просветители, туку Охрид ги има и најдобрите македонски ликовни уметници.
Треба да се гордееме со тоа. Горд сум што можам да живеам во времето на вакви уметници, уметници кои што имаат безвременски пасош во нивните дела. Нивните дела ќе живеат секогаш и засекогаш и после нас. Тоа е наследството наше македонско и тоа треба да си го гаиме и да си го имаме, рече Коцев.
Манасијески изрази задоволство што монографијата ќе остане како дел од едно време, сведок на едно творештво и подарок кој ќе говори за светиот град и светите простори.
Секогаш имав желба да ја поделам радоста и тајните на животот заедно со сите вас, современици и идните генерации. За сон како вистина и вистината како осонета бајка. Ви посакувам да им се радувате на светите порти и вечната љубов како најголем дар и порив за да и се поклониме на уметноста и небесното виножито, рече Манасијески.
Уметноста на Манасијески е претставена во Токио, Њујорк, Венеција, Фиренца, Париз,8 Охрид, Верона, Палермо…, а добитник е на награди од повеќе уметнички центри, меѓу кои интернационалната „Микеланџело“, наградата од жирикомисијата на биеналето на нациите во Венеција, од Јапонската асоцијација на современа уметност.
Со поддршка од Лајонс клубовите Лихнидос, Охрид, Десарети, Деница сите од Охрид, како и Сојузот на Лајонс клубови Дистрикт 132 Македонија настанот имаше и хуманитарен карактер. Дел од собраните средства Од продажба на графики ќе се донираат за поддршка на настраданите во Кочани.
Промоцијата беше збогатена со пригодна културна програма во рамки на која настапија познатиот гитарист Дамјан Пејчиноски и женскиот хор „Акордис“.
Н.С.Ј.