Најновиот театарски проект на Никола Тодороски, ПИСМА ОД ЗЕМЈАТА- Моно спектакл или сатирична турболенција, охриѓани ќе имаат можност повторно да го видат на 08.04.2016 во петок во Народниот Театар Охрид со почеток во 20 ч.

“Ова ќе биде трета изведба на претставата која е подеднакво предизвик за мене но и за публиката. Уште на самата премиера објавив дека жанровски претставата ја дефинирам како моноспектакл или сатирична турболенција. Неколку пати имав прилика да добијам прашање од типот “Дали е досадна претставата бидејќи се работи за монодрама?“ За вкусовите не можам да зборувам, но она за што можам или сакам да обрнам внимание е дека или жанрот-монодрама е обременет со такви епитети од типот досадно монотоно и тн. или пак непцата на поедини театарски сладокусци од околинава се премногу навикнати на ванила. Секоја чест на оние кои се похрабри и се спремни да си дозволат себеси присуство на било каков културен настан. Претставата веќе е селектирана во официјалната програма на интернационалниот фестивал за Монодрама во Битола каде премиерно ќе биде изведена на 08.05.2016, а потоа на 15.05.2016 својата премиера ќе ја доживее во еден од најпознатите театри во Софија “С’лза и Смјах“. – изјави актерот Никола Тодороски. 

Билетите за претставата можат да се купат во музичката продавница ЗЗ Топ по претпродажна цена од 150 ден. и 200 ден. на денот на изведбата, а исто така и во центарот за култура пред почетокот на самата претстава по цена од 200 ден.

OhridNews