Големиот помор на плашица што се случи вчера во каналот Студенчишта, уште еднаш го отвори прашањето за искористувањето на  водните ресурси. Според експертите, неопходно е итно да се изнајде решение како да се обезбеди доток на минимум свежа вода во каналот, каде поради недостаток од кислород угина поголема количина плашица.

– Се додека не се направат чекори да се регулира управувањето со количините на вода помеѓу Проаква и Хидробиолошкиот Завод во Охрид дури и во сушни периоди, ќе присуствуваме на вакви трагични моменти за живиот свет. Затоа мора итно да се влезе во процес на решавање на проблемот со обезбедување на биолошкиот минимум во екосистемот затоа што неусогласеноста секој месец станува фатална.- вели Дејан Пановски од Министерството за животна средина.

Поради сушата намалена е издашноста на Билјанините извори од каде водата се пренасочува во градскиот водовод, посочува екологистот Лазо Наумоски, според кого потребно е градските власти со одлука да определат неопходни количини вода кои задолжително ќе се испуштаат во каналот.

-Треба малку да се размисли, Билјанини извори кои се и своевидна туристичка атракција мора да имаат вода и да се обезбеди биолошки минимум за каналот. Советот на општината треба да донесе одлука за управување со водата од Билјанини извори за да не ни се случуваат вакви работи и во иднина, вели Наумоски.

OhridNews