Единствените мошти на Свети Кирил во земјава, вчера за прв пат беа изложени во Македонија на празникот на сесловенските  просветители, Светите Кирил и Методиј.

Голем број верници присуствуваа на литургијата во Католичкиот храм во Богданци и имаа можност да се поклонат пред моштите на Свети Кирил.

„Уверението во веродостојноста на моштите претпоставува одредено признание на изворноста. Автентично признание е тоа кое се дава со судска одлука од надлежните црковни власти во бискупијата во која се наоѓа гробот, а која исклучиво е ополномоштена од Светата Конгрегација за кауза на светците. Моштите кои што ние ги имаме се автентични и потврдени од црковната власт“, рече бискупот Киро Стојанов, на литургијата која ја водеше во храмот во Богданци.

Свети Кирил почива во базиликата „Свети Климент“ во Рим, а ова е еден од ретките сертифицирани примероци од неговите мошти.

OhridNews