За набљудување и денот на гласањето ќе бидат ангажирани повеќе од 3.500 набљудувачи, на целата територија на Република Македонија, велат од граѓанската асоцијација.
МОСТ ги повикува граѓаните, лично, најдоцна до 2 март, да се пријават во 18- те регионални канцеларии, низ целата држава. Регионалните канцеларии на МОСТ за граѓаните ќе бидат отворени од 10 до 18 часот. Податоците со контакт информации за регионалните канцеларии ќе можат да се пронајдат на интернет страната на МОСТ.
За пријавените граѓани ќе биде организирана специјална обука, а истите потоа ќе бидат распоредени на гласачките места како набљудувачи. Заради сеопфатна оценка за текот на изборите, набљудувачи на МОСТ ќе ги следат и текот на предизборната кампања, работата на изборните органи, предвременото гласање, како и процесот на жалби и поплаки.
Набљудувач во мисијата на Граѓанската асоцијација МОСТ може да биде секој граѓанин со право на глас, кој е подготвен непартиски, непристрасно и објективно да го набљудува процесот и да известува за наодите. При селектирањето на набљудувачите предност ќе имаат оние кои во рамките на МОСТ веќе имаат набљудувано избори.
Граѓанската асоцијација МОСТ досега има набљудувано девет изборни процеси на национално ниво, а членови на организацијата биле дел од голем број меѓународни мисии за мониторинг на избори.
извор: Макфакс