Извесен период популарниот „Мост на желбите“ се наоѓа во лоша состојба. Судејќи по изгледот, овој монтажен објект кој ги спојува плажите во населбата Канео со остатокот од градот е мета на несовесни поединци, кои со своето недолично однесување ја загрозуваат безбедноста на сите кои секојдневно поминуваат тука.

Едни сметаат дека потребно е да се изнајде соодветно и оптимално решение за заштита на овој монтажен мост од човечкиот фактор, ако се знае фактот дека  фрекфенцијата на минувачи е доста голема во текот на денот.

Нашата намера не е да критикуваме, туку да апелираме до надлежните да најдат соодветно решение како поединци не би го оштетувале мостот. Ако во минатото, силината на брановите ја оштетуваа заштитната ограда, овојпат со сигурност се работи за човечки фактор. Дали да се постави чуварска служба или безбедносни камери, не знаеме, но од ден на ден ова скратено патче станува се полошо. Ако се додаде дека голем број охриѓани се рекреираат покрај оваа патека со своите деца, безбедноста и тоа како е доведена во прашање. Несомнено дека сите оние туристи кои ја виделе оваа глетка, по заминувањето од Охрид ќе раскажат за односот кој го имаме кон ваквите објекти.“ – велат охриѓани.

Други со дијаметрално-спротивен став, алудирајќи дека импровизираната градба на неквалитетни монтажни мостови и платформи е тотално небезбедна за самите граѓани.

Секоја година, мостот претрпува големи штети, а добар дел во зимскиот период е непрооден. И да се постават камери, сигурно дека брановите повторно би го урнале бидејќи истиот е изграден од неквалитетни материјали. Или нека го направат според сите прописи и стручни решенија, или нека го затворат целосно.“ – потенцираат наши сограѓани.

И во минатото, „Мостот на желбите“ предизвика низа дилеми и реакции кај јавноста и граѓани околу самата негова изградба и поставување. Едни го оспоруваа, а други ја поздравија одлуката за негово поставување.

Инаку, „Мостот на желбите“ кој е подарок за Охрид од Велија Рамковски, во текот на измината година на неколку наврати беше урнат од силината на брановите.

O.T.