Во претходното столетие, моторџиството како еден вид рекреативен спорт стана своевидна култура на живеење. Веќе не е невообичаено, низ улиците на метрополите во светот да се сретнат „филмски“ моторџии, кои најчсто сме ги гледале на малите екрани. Оваа супкултура полека зема се поголем замав и во земјава, а во Охрид веќе неколку години можат да се забележат нејзини следбеници.


Климент од Охрид веќе 5-та година по ред се занимава со ова несекојдневно „хоби“. За него, „бајкерството“ како што го нарекува, претставува еден вид спорт и рекреација. „Оваа работа ме влече години наназад. Преку филмовите и музиката со која сум израснат,  се создала таа пасија кон моторите. Исто така, медиумите како силна алатка за пренесување на информации придонеле за градење на една страст кон овој спорт.“ – вели Климент.


Опремата е скапа и се почнува со помали мотори. Најосновна е желбата, но и финансиските средства кои никогаш не се доволни. Ако човек има страв од мотор, никогаш не треба да се качува на него ни како совозач. Моторот како превозно средство е доста скап, а во зависност од марката и „брендот“ достигнува прилично високи цени. Во секое градско возење мора да се користи соодветна опрема, со цел возачите да се заштитат самите себе и другите во околината“ – истакнува Климент.


Најдолгата турнеја која овој млад моторџија ја имал, е мото релито низ Македонија од пред неколку месеци. „По повод независнота на државава, оваа година беше организирано најдоброто мото-рели во Македонија. Тргнавме со моторите од Охрид, па низ населените места кои водат до нашата метропола. Главниот собир беше токму во Скопје, а учествуваа преку 1000 моторџии од земјава. Имавме голема поддршка од организаторите, а возевме 3 дена низ целата земја под силно полициско обезбедување. За време на тие три авантуристички дена, организаторите ни обезбедија храна,  пијалаци и сместување.“ – вели нашиот сограѓанин.


Климент веќе некое време е член на Мото – Струга. Тој потенцира дека ознаките кои што се носат на јакните, ја претставуваат припадноста кон определен клуб. „Боите и амблемот го претставуваат името на клубот и државата, односно нешто по што се  препознава на кого припаѓаш. Тоа е исто како еден заштитен знак кој го имаат и фудбалските клубови. Преку овој „спорт“ се запознаваат многу пријатели, кои си помагаат при случај на несреќи во градовите од земјава. “ – додава Климент.


За крај, тој потенцира дека со доаѓањето на зимата завршува и сезоната на мотори, но не и дружењето на моторџиите. „Иако зимно време моторите се гаражирани, како претставници на различни клубови постои дружење во текот на целата година. Зимно време моторите се „палат“, но не се препорачува возење на отворен пат.

O.T.

 

.