Мозочниот удар претставува прва причина за тежок и долготраен инвалидитет и втора причина за смртност во нашата држава. Статистиката за 2025 година за Охрид говори дека се регистрирани 191 мозочен удар од кои 86 кај жени и 105 кај мажи. Во Југозападна Македонија вкупно се случени 408 нови мозочни удари. Најмладиот пациент со мозочно крварење бил на возраст меѓу 20 и 25 години, а најмладата пациентка која имала исхемичен мозочен удар на возраст помеѓу 25 и 35 години.

Целта на денешната наша активност беше да го насочиме вниманието на нашата популација, меѓутоа и на нашите здравствени политичари кон мозочниот удар. Зошто? Бидејќи мозочниот удар е стварно една тешка и болна тема во нашето општество. Тој претставува прва причина за тежок и долготраен инвалидитет во Македонија, а претставува втора причина за смртност во нашата држава. Со себе носи еден голем товар, не само на фамилијата од пациентите кои се болни со мозочен удар, туку и на целото општество и особено економски товар. Со раната превенција, со соодветниот третман на мозочниот удар, ние можеме да ги намалиме овие лоши статистики, истакна неврологот Д-р Маја Божиновска Смическа.
За жал, потенцираше, Македонија сè уште го зема приматот во Европа по бројот на новонастанати мозочни удари, како и по смртноста од мозочниот удар, за што, вели, виновни се голем број на измешани фактори.
Меѓутоа сите со заеднички сили можеме да допринесеме тие да се намалат. Сите мозочни удари се поврзани, нивниот ризик се поврзува со 10 модифицирачки ризик фактори и неколку фактори кои не можеме да ги модифицираме, да ги менуваме. За среќа 90% од ризикот е поврзан со тие 10 модифицирачки фактори, односно тука спаѓаат сите оние фактори кои се поврзани со нашиот став за нашето здравје, како се однесуваме кон себе, дали живееме здраво, дали спортуваме, јадеме правилно се храниме, дали пушиме, консумираме алкохол и слично. Со намалување на тие ризици ние значајно допринесуваме во намалување на ризикот од појава на мозочен удар. Меѓутоа има и такви фактори на кои не можеме да влијаеме. На среќа тие во помал процент влијаат на ризикот. Тука се генетската позадина, возраста, полот и некои надворешни фактори кои во последно време стануваат сè позначајни, како аерозагадувањето и наглите промени на надворешната температура, потенцира Божиновска Смическа.

Таму беше направен и дел каде соодветно ќе се третираат пациентите со мозочни удари, а најсоодветниот третман на мозочни удари е со тромболиза, односно со терапија која помага да се разбие тромбот, терапија која е временски лимитирана и не може да се даде после 4 и пол часа. Потребно е да се направи и компјутерска томографија. Се среќаваме со многу препреки. За жал, процентот на пациенти со мозочен удар кои ги исполнуваат критериумите, а не ја добиле терапијата сè уште е голем. Значи, ако во европски рамки тој процент е 15 на пациенти кои би биле тромболизирани, кај нас се меѓу 1 и 2% кои ја добиваат терапијата. Причината е недостаток на кадар, причината е и организациона. Во моменов компјутерската томографија во Општата болница не функционира оптимално, така што се прават напори, ќе одиме напред, се бориме, додава Божиновска Смическа.

Клиничките знаци и симптоми се однесуваат на акутна слабост или одземеност на едната половина на телото, потешкотии со говорот, проблеми со видот, вртоглавици, нестабилност при движење, како и искривување на лицето, затоа што навременото препознавање и тоа како е од голема важност за навремено да се повика брза помош и пациентот да се спроведе во најблиската установа каде што ќе добие соодветен третман. Знаеме дека времето е мозок, затоа што во некои случаи за поспецифичен третман и тоа како треба да се зачува овој терапевтски прозорец од три до четири и пол часа, каде што ќе може на пациентот да му се помогне без да се јават последиците невролошки дефицит. Затоа навременото јавување на лекар, брза помош и на невролог е од голема важност.
Во поправливите ризик фактори, Скендероска Митреска, ги посочи артериската хипертензија, дијабетот или шеќерната болест, дислипидемијата, односно масните наслаги на крвните садови и обезноста, прекумерната телесна тежина, потенцирајчи дека навременото јавување и спречување на овие ризик фактори ќе доведе до помали шанси да се јави пред сè исхемичен мозочен удар, како и хеморагичниот при нерегулирана хипертензија.
Секундарната превенција опфаќа мерки по добивањето, по случувањето на мозочниот удар со цел превенирање на појава на дополнителен мозочен удар во иднина. Тука има неколку поделби на тоа кои мерки се вклучуваат во тоа. Медикаментозниот е најважен, односно лекарства за хипертензија, за шеќерна болест, за дислипидемија, лекарства коишто ги регулираат оние ритамно-спроводни нарушувања коишто почесто ги ги препишуваат кардиолозите, потоа лекарства за спречување на слепување на тромбоцитите. Од друга страна го имаме и хируршкиот третман, односно каротидната ендартеректомија или стентирање, каде што имаме сигнификантни каротидни стенози и во корелација со кардиолозите тие имаат веќе понатаму индивидуален пристап спрема пациентот.
Како установа, истакнува, вршат и неврорехабилитација на пациенти од целата земја, со многу добро обучен персонал и соодветна медицинска опрема, која е клучен фактор за да се превенираат тешките последици по добивањето мозочен удар.
Се прави медифизикална терапија со цел подобрување на мобилноста. Битен фактор е и соработката со логопедите и психолозите кај пациентите кои имаат проблеми со говор, когнитивни потешкотии како васкуларни деменции и други слични состојби на психички план, промени од типот на постихемична депресија или анксиозност поврзани со самиот невролошки дефицит и тоа што им се случило на самите пациенти. Понатаму е окупациона терапија која им помага на пациентите со исхемичен мозочен удар и со невролошки дефицит постепено да почнат да ги подобруваат секојдневните навики што ги изгубиле со добивањето на мозочен удар како лична хигиена, облекување, хранење. Упатувам апел до нашите сограѓани, а и општо до граѓаните навремено да се јавуваат особено оние што веќе добиле мозочен удар на шест месеци кај матичен лекар и кај интернист и кардиолог за следење на ризик факторите, затоа што мозочниот удар и се лекува и може да се спречи ако ги превенираме овие ризик фактори, додаде Скендероска Митреска.
Директорот на Специјалната болница „Св. Еразмо“ – Охрид, д-р Харалампие Шокаровски, истакна дека како институција секогаш се подготвени да излезат во пресрет во промоцијата на јавното здравје и во справувањето со еден од најголемите општествени проблеми – мозочниот удар, кој предизвикува сериозен морбидитет и морталитет кај пациентите.
Самите статистики говорат за тоа колку е голем и страшен овој проблем во нашата држава, поради што е неопходно да се стави сериозен акцент на него. Како болница, секогаш сме подготвени активно да учествуваме во третманот на овие пациенти. Главно дијагностиката се врши кај нас, а потоа продолжуваме со третманот и рехабилитацијата. Со тоа, директно сме вклучени во сите аспекти на невролошкиот третман, особено преку дневниот амбулантен третман. Во делот на неврологијата, генерално преземајќи го третманот на пациентите со мултиплекс склероза, бележиме сериозен подем во последниве години во третирањето на сите невролошки заболувања, благодарение на амбициозноста на нашите лекари-невролози.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска



















