На два дена пред клучниот натпревар од Лигата на Шампионите против Рома во Рим, каде Ливерпул ќе патува со предност од 5:2, клубот од „Енфилд“ го напушти Жељко Бувач, десна рака на менаџерот Клоп, со кој соработува полни 17 години.
Ливерпул денеска соопшти дека Бувач, кој се смета за мозокот на напаѓачката тактика на Јирген Клоп, се повлекува до крајот на сезоната од приватни причини. Одлуката на Бувач им била соопштена на играчите после мечот со Стоук Сити (0:0).
Клоп и Бувач соработуваат уште од Мајнц од 2001 година. Заедно во 2008 година се преселија во Борусија Дортмунд каде “gegenpressing” стилот им донесе две титули во Бундеслигата, еден куп и финале во Лигата на шампионите. Двајцата во 2015 година си заминаа од Дортмуд.
Клубот информираше дека нема да го коментира повлекувањето на Бувач, посочувајќи дека тој се уште е вработен во Ливерпул.
Во неколку дена ова е втор посериозен земјотрес во англискиот фудбалски гигант. Претходно легендата на „Коп“ Стивен Џерард го напушти кормилото од тимот до 18 години за да го преземе познатиот шкотски клуб Глазгов Ренџерс.
Конечно добра вест за клубот е продолжувањето на соработката со извонредниот напаѓач Роберто Фирмино, кој ја продолжи верноста кон Ливерпул до 2023 година.
Г.М.