172 „мрежи духови“ оваа година се извадени од Охридско Езеро од целата територија на македонска страна. Доминантни биле оние димензии на окца кои се за ловење на пастрмка и белвица.

„Мрежите духови“ не ловат само риби, ловат и птици и ракови и се што ќе помине на местото каде се акумулирани. Воедно уништуваат живеалишта на многу ендемски видови и тоа е вториот аспект кој треба да го решиме, вели Душица Илиќ-Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид.

Мрежите ги отстрануваме на територија каде се наоѓаат природните рибни плодишта на пастрмката, но не живее таму само пастрмката, таму живеат и многу видови. Ова е целно за да овозможиме успешен вештачки мрест за неколку месеци следната година за да ја одржиме популацијата на пастрмката на биолошкиот оптимум. „Мрежите духови“ се глобален проблем. Но, нас не засегаат нашите езера. Од една страна тоа е континуиран проблем кој се повторува и не е нешто што може да се реши еднократно. Инцидентни и еднострани акции не го решаваат овој проблем и токму заради тоа апелираме на прекуграничен напор и чистење на Охридското Езеро од двете страни, посочува Илиќ-Боева.

Оваа година, истакнува, се извадени речиси 11 километри, а во 2017 година повеќе од 12 километри, станува збор за мнгу големи должини.

Претходните беа на помала должина околу 3-4 километри, но заедно со информациите кои беа споделени во 2023 година од командирот на Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ за отстанетите 330 километри мрежи, кои не се „мрежи духови“ односно не се втонати, езерото се дави во присуство на овие мрежи. Тоа што ние го отстрануваме е само мал процент, мал број од тоа што во езерото постои. И само ова да е наша единствена активноста би имале работа за секој ден во годината, додава Илиќ-Боева.

Јован Секулоски од Нуркачкиот Центар „Амфора“ вели дека станува збор за континуиран проблем на кој се работи веќе подолго време.

Ова е четврта по ред акција за отстранување на напуштени мрежи од Охридско Езеро. Работата во вода е тешка и ризична. Работиме во услови на слаба видливост на многу мала температура и овие мрежи се најчесто заплеткани околку карпи и лебдат чисто долу на дното на Охридското Езеро. Потребна е тимска работа за безбедно да се отстранат сите овие мрежи, пред се се користат некои специјализирани алатки во форма на специјални ножеви и бови за да се извадат горе на површината и потребна е тимска координација за сето тоа безбедно да се изведе, потенцира Секулоски.

Вели, ако вимателно не се пристапува кон мрежите опасноста е голема за нуркачите кои пристапуваат, затоа е и потребна тимската координација.

Имајќи во предвид дека се работи на различни локации и различни длабочини, ова е еден проблем кој тешко е да се каже дали е решен или не. Имајќи предвид дека секојдневно нуркаме во Охридското Езеро ги наоѓаме овие мрежи речиси на предели каде воопшто не сме биле, што укажува на тоа дека сеуште има мрежи во Охридското Езеро на различни локации и ние мора да ги детектираме и тие, додава Секулоски.

Активностите за отстранување на „мрежите духови“ се финансирани од Програмата за финансиска поддршка на рибарството и аквакултурата.

Во насока на подигнување на јавната свест: „Нeвидливи мрежи-видлива закана!“, посветена на запознавање на пошироката јавност со реализираните активности за отстранување на напуштен, изгубен, заборавен или на друг начин оставен рибарски алат – таканаречени „мрежи духови“ – од Охридското и Преспанското Езеро денес беше одржана работилница.

Фото галерија:

„Мрежите духови“ уништуваат живеалишта на многу ендемски видови

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска/Хидробиолошки Завод Охрид