Како што информираат од МСО, со проектот ќе се врши директен и сеопфатен мониторинг на јавните набавки во општината, а со цел да се даде дополнителен придонес кон унапредување на состојбите во оваа сфера.
– Започнуваме да го изработуваме т.н. индекс на рационалност во трошење на јавни пари. Целта е да се воведе нов инструмент преку којшто ќе се мери ефикасноста во трошењето на јавните пари, ќе се откриваат слабите точки во системот и во крајна линија, ќе се влијае врз институциите да бидат порационални во трошењето на буџетите кои се полнат со пари од граѓаните, напоменуваат од МСО- Охрид.
Индексот на рационалност се изработува преку споредба на цените по коишто различните институции купуваат исти производи, услуги или работи, ќе се изработува квартално и во секој квартал ќе опфаќа генерално по пет различни предмети на набавка. Од МСО информираат дека во индексот ќе се споредуваат трошењата на најмалку пет институции, со настојување секаде каде што е можно да се максимизира бројот на опфатени институции. Фактот што индексот опфаќа ист вид прозивод, услуга или работа дава можност, освен споредба на цените, да се претстави и различниот однос на локалните институции, при спроведувањето на исти видови јавни набавки. Во примерокот за изработка на индексот ќе бидат вклучени сите договорни органи од национално и од локално ниво, што значи од министерства и општини, преку јавни претпријатија и агенции, до училишта и градинки.
– Значајно е да се напомне дека во индексот на рационалност ќе се објавуваат имињата на договорните органи, но не и имињата на фирмите со кои се склучени договорите, бидејќи одговорноста за рационално трошење на јавните пари им припаѓа пред се на договорните органи, додаваат од МСО.
Во изработката на индексот на рационалност ќе се користат примарни и секундарни извори на податоци.