Охридскиот регион во оваа фаза нема да биде ставен на листата на светско наследство во опасност и ќе го задржи статусот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО. Ова претставува значаен дипломатски успех за државата, рече на денешната прес конференција министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, по одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 48. Сесија што се одржува во јужнокорејскиот град Бусан да го одложи впишувањето на Охридскиот Регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност.
Овој резултат е производ на координирана државна акција предводена од претседателот на Владата. Во целиот процес работевме во тесна координација со Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, општините Охрид и Струга, како и со нашата амбасада во Париз, која имаше важна улога во комуникацијата со УНЕСКО и со државите членки на Комитетот за светско наследство. Во изминатиот период водевме интензивни разговори, спроведовме дипломатски консултации и градевме поддршка меѓу државите членки на Комитетот. Јасно ги представивме нашите позиции, ги презентиравме преземаните обврски и политичката волја за заштита на Охридскиот регион. Работевме посветено, координирано и со јасна цел: преку дијалог да ги приближиме ставовите, да ја зајакнеме довербата кај нашите партнери и така ја обезбедивме потребната поддршка за финалната одлука. Покажавме дека дипломатијата носи конкретни резултати. Таа не е само присуство на меѓународни состаноци, туку способност да се градат партнерства, да се создава доверба и да се заштитат најзначајните државни и национални интереси, рече Муцунски.
Охридскиот Регион, посочи, претставува природно и културно богатство од исклучителна универзална вредност, чие значење ги надминува националните граници, а Охридското Езеро со својата природна уникатност, биолошка разновидност и богато културно-историско наследство, е непроценливо светско добро. Како дел од светското наследство на УНЕСКО, додаде, регионот е симбол на нашата историска и духовна традиција, но и на регионалната соработка, одржливиот развој и заедничката грижа за природното и културното наследство.
Неговото зачувување е национален приоритет, но и одговорност кон идните генерации. Денешниот резултат ја потврдува јасната и недвосмислена посветеност на Владата кон трајната заштита на Охридскиот регион. Со дипломатски ангажман обезбедивме дополнителен простор за исполнување на преземените обврски и спроведување на стратешкиот план за рехабилитација до 2030 година. Но, мора да бидеме јасни. Денешната одлука е значаен чекор, но не и крај на процесот. Заедно со Албанија треба да подготвиме временски ограничена рамка за спроведување на стратешкиот план до 2030 година. До 1 февруари 2027 година треба да биде доставен нов извештај за постигнатиот напредок. Дипломатијата го обезбеди потребниот простор, сега обврската е на сите надлежни институции тој простор да го претворат во конкретни мерки и мерливи резултати преку целосно исполнување на преземените обврски. Ќе продолжиме со активна работа во координација со Албанија, со државите членки на Комитетот, со УНЕСКО и со нашите меѓународни партнери.
Во однос на тоа кои се првите чекори кои ќе се преземат Муцунски истакна дека има заклучоци кои се определени од страна на експертскиот сегмент на УНЕСКО, кои се поврзани со повеќе прашања.
Урбанистичко планирање, заштита на животна средина не само низ призмата на урбанистичко планирање, туку и низ многу други аспекти, така да рамката за тоа што треба да се направи ни е јасна. Дел од тие одлуки се комплексни. За дел од прашањата и многу директно разговаравме и со земјите членки коишто се членови на Комитетот. И кај нив има разбирање дека статусот на УНЕСКО истовремено не треба да наштети на развојот на Охрид и на Охридскиот регион. И тука зборувавме за прашања поврзани со клучни инфраструктурни проекти, дел од Коридорот 8 поминува во дел од тие тие реони. Така да, тоа што сметаме е дека воспоставивме јасен план, имаме јасна меѓусебна координација. Имаме јасни насоки за тоа што треба да се направи, но имаме засилена комуникација и тоа што барем на нас ни дава импулс е дека одлуката којашто се донесе во Кореја ни дава еден подолг период од којшто сме имале во минатото да постапиме, а секако во рамки од тој период ние имаме циклични обврски за известување, потенцираше Муцунски.
Напомена дека статусот на УНЕСКО треба да оди во еден паралелизам со развојот – туристичкиот, економскиот и социјалниот развој на целиот тој регион.
Не треба заради тоа што има статус УНЕСКО да назадува целиот регион. И за тоа има кредибилно разбирање и во Париз, и помеѓу земјите членки на Комитетот. И во таа смисла ќе продолжи работата и на институциите и на локалната самоуправа, додаде Муцунски.
Н.С.Ј.














