Манчестер Јунајтед на „Викариџ Роуд“ го претрпе вториот пораз во серија во Премиер лигата откако изгуби 3-1 од екипата на Ватфорд. За „црвените ѓаволи“ ова е трет пораз во низа, ако се смета и неуспехот против Феенорд во Лигата на Европа.
Португалскиот стратег Жозе Мурињо во свој препознатлив стил вината за поразот не ја побара во своите редови туку кај судиите.
– За поразот влијаеја три фактори, а само еден од нив можеме ние самите да го поправиме. Прво сме ние, односно нашите индивидуални и тимски грешки и тука можеме да напредуваме. Вториот фактор се судиите на кои неможеме ништо да му направиме. Сите зборуваат за резултатот, а не за комичниот фаул пред првиот гол. Третиот фактор е среќата која ја немавме. Бевме подобри и изгубивме. Свој ден имаше голманот на противникот Гомеш кој бранеше се и сешто. – рече Мурињо.
Клубот од Олд Трафорд резултатски закочи по одличното отварање на сезоната. Поразот од Манчестер Сити остави силен белег на фудбалерите во црвени дресови. – Добро ја отворивме сезоната и имавме одлични резултати. Осеќам дека поразот од Сити тешко им падни на моите фудбалери кои се борат со негативната енергија. – додаде Португалецот.
Шанса за излегување од резултатската криза „црвените ѓаволи“ ќе имаат в среда против Нортемтон во Лига Купот и в сабота против шампионот во Премиер лигата, Лестер.
OhridNews