Тренерот на Челзи Жозе Мурињо изјави дека од година во година е подобар во својата работа, дека многу напредувал, со исклучок во еден сегмент, а тоа се односите со јавноста.

„Од година во година сум подобар тренер. Напредував во подготовките на натпреварите, читањето на играта, методологијата на тренинзите. Единствено не се променив кога е во прашање односот со медиумите, секогаш сум искрен, никогаш не бев лицемер“, рече Мурињо во интервјуто за британски Daily Telegraph, при тоа додавајќи дека најверојатно уште 20 години ќе биде тренер.

Неговиот татко бил фудбалски голман и има еден настап за португалската репрезентација пред да стане тренер. Мурињо го следел својот татко на тренинзите и натпреварите. Откако не успеал да оствари играчка кариера, запишал студии по спорт во Лисабон, а првата работа му била учителска. Работел со деца со Даунов синдром.

„Иако немав доволно вештина за таа работа, успеав да остварам мали чуда и тоа само затоа што емоционално се поврзав со тие деца“, напомна тренерот на Челзи.

Дали тренерот е најважна личност во клубот?

„Секако дека не е. Најважни се навивачите, потоа сопственикот, па фудбалерите, па дури тогаш доаѓа тренерот. Но, во тренерот се вперени сите очи. Неговите потези ги следат фудбалерите, луѓето во клубот, навивачите, новинарите, сите“, вели Мурињо.

Не го интересира модата, удобноста му е поважна од трендовите, во неговата гардероба сè е сиво и црно, нема место за лимон жолти кошули. Признава дека е верник.

„Секој ден се молам, но не одам секој ден или секоја недела во црква. Се молам за своето семејство, жената, децата, за родителите. Никогаш не разгварам со Бога за фудбал, никогаш“, додаде.

Говорејќи за големите пари што се вртат во фудбалот, Мурињо рече дека порано момчињата влегувале во светот на фудбалот очекувајќи да станат богати по завршувањето на кариерата, а денеска ’клинците’ очекуваат да бидат богати уште пред да го одиграат првиот натпревар. Вели дека родителите имаат важна улога во животот на професионалните фудбалери, но истакнува дека тие не смеат да управуваат со животите на своите деца.

„Најлошо е кога родителите ќе ја напуштат својата работа штом децата ќе потпишат професионален договор. Им се вселуваат во куќите и почнуваат да управуваат со неговиот живот“, вели Мурињо.

Говорејќи за важноста на образованието, го наведе случајот на еден свој поранешен фудбалер.

„Имав фудбалер што на тренинг дојде со нов автомобил. Го прашав дали има куќа? Немам, ми вели. Го прашав дали има заштеда во банка? Немам. Па за што ти е уште еден автомобил? А тој ми вели дека неговиот татко го добил бесплатно, на лизинг, дека тој само ги потпишал документите. Го прашав дали знае што е тоа лизинг? Тој ми вели дека тоа значи дека е бесплатно. А не, ништо не е бесплатно. Дојди сега ќе ти објаснам што е тоа лизинг“.

Мурињо ја истакнува важноста на талентот и напомнува:

„Кај играчите е најважен талентот. Тоа е единствена работа што не можете да ја научите. Но, за мене во фудбалот е најважен колективот, а индивидуалноста е добредојдена само ако го направи колективот подобар. И затоа кога голема ѕвезда доаѓа во клубот, тој мора да работи за екипата, а не обратно. Неодамна Арсен Венгер изјави дека е против изборот за Златна топка. Мислам дека е во право, бидејќи денеска сè повеќе се губи од вид дека фудбалот е екипен спорт. Постојано се споредуваат статистиките на одделни играчи, па велат овој е подобар бидејќи претрчал 11 километри, а ти само девет. Но можеби моите двете биле поважни за екипата од неговите 11 километри“, заклучува Мурињо.

„Макфакс“