Од денес, па се до мај 2022 година музеите и локалитетите кои се под надлежност на НУ Завод и Музеј- Охрид ќе бидат отворени за бесплатно посетување секој прв ден во месецот. Ваквата одлука, како што велат од установата е со цел да се доближи културното наследство до граѓаните, пред се до локалното население. Во текот на летото се бележи тројно зголемување на посетеноста на локалитетите и музеите во Охрид во однос на истиот период лани.

Во споредба со минатата година, посетеноста на нашите локалитети и музеи во летниот период е зголемена речиси тројно, но, доколку споредиме со годините пред пандемијата, може да констатираме дека бројот на посетители е видно намален. Имајќи ги предвид сите рестрикции кои потекнуваат од пандемијата, а предизвикаа сериозни, глобални проблеми во секторот туризам, може да кажеме дека сме задоволни од посетеноста на нашите локалитети и музеи во летната сезона, велат од НУ Завод и музеј Охрид.   

Домашните и странските посетители во текот на летото најмногу биле заинтересирани за Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште.

Во текот на летната сезона, одосно во месеците јуни, јули и август, локалитетите и музеите кои се под надлежност на НУ Завод и Музеј – Охрид ги посетиле вкупно 61.645 домашни и странски посетители. Најголем број на посетители е забележан во Музејот на вода во Заливот на коските кај Градиште 31.197, а веднаш по него е локалитетот Самуилова тврдина со вкупно 27.639 посетители. Музејот во Куќата на Робевци го посетиле 1984 гости, а Галеријата на икони 825 посетители, додаваат од установата.

Следен ден во кој граѓаните бесплатно ќе може да ги посетат локалитетите во надлежност на НУ Завод и Музеј Охрид ( Самуилова тврдина, Галерија на икони, Куќата на Робевци, Куќата на Христо Узунов и Музејот на вода – Градиште) е 2 ноември (вторник), а следно на 1 декември (среда).

 

К.А.