Во спомен куќата на Христо Узунов, во рамки на проектот „Допри ја културата-почуствувај ја уметноста“ започна обука на вработените во НУ Завод и музеј Охрид за изработка на помошни средства со кои на слепите лица ќе им се овозможи подобар пристап до просториите со постојните музејски збирки и експонати во Охрид.

Станува збор за изработка на тактилни мапи и техники со кои потоа од страна на вработените ќе бидат направени помагала со чија примена на слепите лица ќе може да им се појасни какви се артефакти се изложени во музеите.

Ќе се изработат и копии на артефакти кои не можат да вообичаено да се допираат .Во рамки на проектот набавена е опрема со која на слепите лица и звучно ќе им се врши објаснување со читање на бар код кој ќе биде ставен до артефактот. Крајна цел е да направиме заедничка изложба со артефакти изработени од различни материјали,објаснува Горан Патчев од охридскиот Завод и музеј, координатор на проектот .

Како што потенцира претседателот на Здружението на слепи лица од Охрид, Славчо Џајкоски, со примената на помагалата конечно културно- историското богатство ќе стане пододстапно до лицата со оштетен вид, кои досега имаат можност само да слушаат што се е содржано во рамки на музејските поставки.

Често пати сме имале искуства со гости кои го посетиле здружението и на кои сакавме да им ги покажеме нашите културно историски споменици, но никаде артефактите не можат да се допираат. Кустосите објаснуваат, но тоа не е исто ако слепите лица не можат и да ги почуствуваат, вели Џајкоски.

Своето позитивно искуство од примената на ваквите помагала на денешната обука го пренесе и Татијана Мијатовиќ од музејот во Сараево каде тие веќе се применуваат.

Нашето искуство е одлично, бидејќи претходно како и поголемиот број од останатите музеи во регионот немавме ништо направено во однос на достапноста на поставките за слепите лица. Ова е само чекор напред да се направи нешто што ќе претставува добра основа за понатамошна надградба и се надевам дека лицата ќе бидат задоволни, изјави Мијатовиќ.

Проектот „Доприја културата-почуствувај ја уметноста“ што се имплементира од НУ Завод и музеј Охрид е финансиран од Ставрос Ниархос фодацијата, а во партнерство со шведската организација „Културно наследство без граници“ и Балканската мрежа на музеи.  

Т.Кувенџиска