По пауза од две години, вечерва во центарот за култура „Григор Прличев“ (19:00 часот), во продукција на OhridNews, ќе се одржи шестото издание на културно-забавниот настан „Зимска бајка“, која ги носи големите хитови од седмата уметност во специјален аранжман и изведба на бенд составен од врвни музичари од Охрид и извонредните вокали Емилија Коловска и Димитри Алчев, придружувни од хорот Вокс Лихнидос, од чии редови се и трите пратечки вокали. Манифестацијата ќе биде зачинета со креативен хумор за кој традиционално се задолжени познатиот стендап комичар Никола Тодороски и професионалниот актер Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers“, кои премиерно ќе изведат авторски материјал ексклузивно подготвен за „Зимска бајка“.
Шоуто, што ќе се одржи пред полна сала, ќе биде збогатено со визуелни ефекти од лабораторијата на „Кумев брадрс“. За звукот се погрижи „Лабино саунд“, сцената ќе ја аранжира „Импакт груп“, а зад неа десетици волонтери и логистика ќе се погрижат настанот да мине во прекрасен амбиент.
Генерални покровители на „Зимска бајка 2022“ се АСП ПАК и Пе Логистик, а настанот е поддржан од Општина Охрид, како и од помагателите: ОДВ Елетрик, ПАП, Инклузив, Хотел Чинго, Печатница Коста Абраш, Трпе Инвест, Топ Маркет, Оригинален Охридски бисер Филеви, Стоматолошки центар Д-р Баткоски и Виа Фарм аптеки, К груп, Дигитал бокс, Рондо трејд, Eplore Ohrid и други. Организаторот упатува благодарност за помошта и на ЈП „Колекторски системи“., СВР Охрид, Центарот за култура „Григор Прличев“, Младински центар Охрид, КИ 5 до 12, Црвен крст Охрид и други.
Настанот традиционално има и хуманитарен карактер. Организаторот во соработка со лајонс клубовите од Охрид: Лихнидос, Деница, Десарети и Охрид, обезбедија триесеттина пакети со храна за готвење наменети за лица на кои тоа им е најпотребно
Непосредно пред Нова година, во издание на OhridNews, ќе биде промовирано печатеното издание на Годишната ревија на настани, која бесплатно се дистрибуира до читателите. На гала настан во Кадмо бар, кој ќе се емитува во живо на социјалните мрежи и на нашиот портал, ќе бидат доделени признанијата на најуспешните приказни во Охрид во 2022 година.
Г. Момироски