Граѓаните да не конзумираат алкохол кога управуваат со моторно возило, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да не користат мобилен телефон додека возат, задолжително да користат сигурносен појас, да направат зимска проверка на возилото, да се почитува растојанието меѓу возилата и да се избегнува нагло сопирање на возилото, ова се дел од препораките на зимската и новогодишната кампања на Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот.
Во рамките на кампањата, МВР и РСБСП, денеска во Охрид делеа едукативен материјал за да ги потсетат возачите на законската обврска за задолжително носење на зимска опрема, како и да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот за време на претстојните новогодишни празници.
Особено сега во деновите кога се организираат бројни забави, како и за време на новогодишната прослава сите треба да бидеме одговорни за да имаме безбеден сообраќај. Доколку пиете, никако не возете, затоа што тоа може да биде кобно за вас, но и за другите учесници во сообраќајот. Покрај овие апели кои што секојдневно ги упатуваме, веќе на улиците и патиштата може да ги забележите засилените контроли од страна на полицијата, со цел да се санкционираат оние кои со непочитувањето на правилата ја загрозуваат безбедноста на сообраќајот, рече помошникот министер за односи со јавност во МВР Тони Ангеловски.
Мораме сите заеднички да придонесеме за да имаме безбедни и среќни празници, додаде Ангеловски.
OhridNews