Министерството за внатрешни работи набави блиндирано возило од марката „Мерцедес“ – С класа вредно 600.000 евра објави „Утрински весник.“


Ова ќе биде трето блиндирано возило во возниот парк на полицијата. Возилото, тврдат од полицијата, нема да и’ биде лично доверено на министерката, или на некој друг. Ќе го возат по потреба

Станува збор за најавената набавка на блиндиран автомобил, кој ќе биде на услуга за потребите на полицијата. МВР ја купило колата од скопскиот дистрибутер „Мак ауто стар“, кој, според објавената зделка, единствен доставил понуда на јавниот повик објавен од Министерството.

Весникот повикувајќи се на МВР пишува дека блиндираниот автомобил ќе се чува за посебни потреби, Односно, нема да бил наменет исклучиво за министерката или, пак, за другите високи функционери во полицијата.

„Така е впрочем со сите возила со кои располагаме. Ниедно не е лично доверено на некој од функционерите. На пример, џипот кој често го користи министерката се користел при разни настани, за гости и слично, кога имало потреба од висок степен на заштита. Така ќе биде и со новото возило“, изјави за „Утрински“ Иво Котевски, помошник-министер за односи со јавност во МВР.

Ова ќе биде трето блиндирано возило што е дел од возниот парк на полицијата. Таа досега располагаше со две блиндирани возила, кои се амортизирани во голема мера. Последен пат вакво возило била набавено пред 12 години.

Колку за споредба, возило со речиси исти перформанси набави и хрватската Влада во времето на Иво Санадер. Нив возилото ги чинеше поевтино отколку МВР, но, под притисок на јавноста, хрватските власти се откажаа од набавката, пишува „Утрински весник“.

OhridNews
извор: „Утрински весник“