Македонските патни исправи од втората генерација, се меѓу водечките во Европа во однос на заштитните елементи кои ги поседуваат за надминување на ризиците од потенцијална злоупотреба и фалсификат. Ова се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи (МВР) објавено во вчера попладне како реакцијата на објавата во весникот „Фокус“ во која се изнесени сомневања за постоење на тајна фабрика за пасоши.
Патните исправи содржат преку 20 елементи на заштита поделени во четири категории, почнувајќи од самата хартија, преку заштитата на страницата за личните податоци, па се до заштитата при персонализацијата во машински читливата зона и заштитата при внесувањето на податоците во чипот од втората генерација, стои во реакцијата. Дополнително, македонската патна исправа може да ја активира само нејзиниот сопственик со што таа се вбројува меѓу најбезбедните во моментов.
Од МВР информират дека досега немало никаков проблем, односно ниту недостасувале или пак во моментов недостасуваат оригинални обрасци. Од друга страна од ниту една граница, земја или институција нема пријавено дека некој злоупотребувал фалсификувани обрасци за каква било потреба.
„МВР се надева дека „алармирањето“ на Фокус не е по нечиј налог туку дека навистина постојат докази и сомненија дека некој фалсификувал и злоупотребувал македонска патна исправа. Остануваме отворени и го охрабруваме Фокус да ги приложи доказите и сомненијата за да се оттргнат сите дилеми за тенденциозни и несериозни монтажи и измислени обвинувања“, се вели во соопштението на МВР.
OhridNews
Извор:„Макфакс“